Египќаните бараат попис со графа за етничка припадност, не сакаат да бидат асимилирани во Албанци или во Роми

Најавите за спроведување на попис на населението без графа за етничка и верска припадност за нас се вовед во административно претопување на посебната автохтона етничка заедница Египќани, во Албанци и Роми, реагира Демир Далип од неформалната граѓанска иницијатива Коалиција на Египќаните.

Тој во изјавата за МКД.мк вели дека на дел на Египќаните јазикот кој го говорат им е албанскиот, а децата главно посетуваат настава на македонски литературен јазик.

„Многу генерации од 1991 година, па сѐ до ден денес завршиле  образование на македонски јазик. Може да дојде и до претопување во Роми затоа што некои од припадниците на Египќаните беа принудени да се изјаснуваат како Роми, а сѐ со цел да остварат некое право, загарантирано со Уставот на Република Македонија. На овие најави за пописот реагираат и Ромите затоа што многумина од нив го зборуваат турскиот јазик. За Египќаните ваквиот попис е неприфатлив затоа што има силни елементи на асимилација, што не е демократска придобивка. Ние сме за унитарна Македонија“, вели Демир Далип од НГИ Коалицијата на Египќаните.