Едукативна инсталација „Часовникот“ во Драчево

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска (16.10. 2020 година) присуствуваше и се обрати на отворањето на просторната едукативна инсталација „Часовникот“, која беше поставена на отворената зелена површина во Парк Драчево.

Инсталацијата, која е продолжение на веќе отворената едукативна инсталација во населбата Ново Лисиче „Паркот на книгата“, пред сè е наменета за најмладите – децата, кои на начин само ним својствен влегуваат во својот имагинарен и фасцинантен свет изнијансиран, креиран и склопен во нивната цврста фабула што соодејствува со темата на проектот „Во имагинарниот свет на децата“.

Часовникот преставува еден ирационален музеј во кој секој може да влезе, временски креативно да се движи низ лавиринтот-просторот, па преку месеците/цилиндрите да ја покаже вештината на креативниот ум, преку сезоните/боите и деновите во неделата/плочката да се насликаат необичните светови креирани во имагинацијата, која произведува раздвижување, раскажување и естетско задоволство – нагласи Јанчева.

Таа додаде дека ако можат децата имагинарно да ја реализираат својата замисла, Град Скопје може во реалноста и понатаму да поставува вакви едукативни инсталации, секако во дослух со конкретна општина, како што во случајов е Општина Кисела Вода.

Град Скопје и понатаму ќе се залага за поставувањето на вакви едукативни инсталации, и тоа не само да ја анимира и едуцира детската популација, туку и да ја испровоцира и да ја предизвика нивната замисла, интелектуалниот развој и да им овозможи слободен креативен свет, нови нешта, па макар тоа и да е само фантазија.

– И сосема на крај ако она што го дава препознатливиот белег на инсталацијава е безрезервната приврзаност за движечкиот сензибилитет, интелектуалниот развој и креативноста на најмладите низ времето и просторот, тогаш препознатливиот белег на Град Скопје, поконкретно на Одделението за култура нека бидат мноштвото вакви едукативни инсталации следната година, а и понатаму – резимираше Јанчева.

Просторната едукативна инсталација „Часовникот“ е дел од Програмата за култура на Град Скопје за 2020 година.