Eдно лице повредено на семејна веселба во Шуто Оризари

Министерството за внатрешни работи вчера информираше дека продолжува со активностите за расветлување на случај во кој едно лице се здобило со мали повреди при семејна прослава во населбата Шуто Оризари во Скопје, а во тек на која се слушнале истрели од огнено оружје.

Според соопштението од МВР, полицијата добила оперативни сознанија дека завчера за време на одржување семејна веселба во објект во населбата Шуто Оризари во Скопје се слушнале истрели од огнено оружје.

Од проверките направени на пријавеното место не биле пронајдени чаури од огнено оружје, ниту повредени лица. Дополнително полицијата направила проверки и на здравствените установи на територија на град Скопје каде не се пријавени лица за укажување на медицинска помош. Сепак, имајќи ги предвид сознанијата со кои се располага, посочуваат од МВР, направени се дополнителни проверки и утврден е идентитетот на едно лице кое е повикано во полициска станица да даде исказ.

– Лицето изјави дека во текот на веселбата на која бил гостин слушнал истрели од огнено оружје, по што се здобил со мала повреда, заради што и не побарал медицинска помош. Министерството за внатрешни работи продолжува со дејствија за откривање на идентитетот на сторителот во интерес на покренување соодветна постапка, наведува МВР во соопштението.