Едниот запалил душек и предизвикал пожар, другиот кој бил чувар си отишол порано од работа и во тој период настанал пожар - двајца кавадарчани ќе одговараат кривично

Две лица од Кавадарци добија кривични пријави за „предизвикување општа опасност“ и за „загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Од МВР информираат дека ОВР Кавадарци, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднело кривична пријава против С.С.(31) од Кавадарци поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

На 20.08.2026 на депонија во Кавадарци, пријавениот запалил душек кој бил опколен со сува трева и отпаден материјал и на тој начин го сторил делото.

Исто така, ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднело кривична пријава и против В.С.(58) од Кавадарци поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Имено, В.С., кој бил вработен како чувар на депонијата Мелци, на 25.08.2026 го напуштил своето работно место, со што извршил пропуст при вршење надзор и во тој период настанал пожар на депонијата од поголеми размери.