На секој чекор само некој се жали мали мизерни плати, ама очигледно доволни за да се отиде на еднаш во јуни, па во јули и обавезно во септември во Грција на одмор. Ако ова е еден пристоен, нормален живот дај боже сите да имаме волку и вака. 

Не можам да се изначудам како другарот цела година ми се жали дека не може да го издржи месецот од први до први, а деновиве замина на двонеделно зимување. Еден мој познаник едвај врзува крај со крај има две деца , нема постојана работа, речиси секојдневно го гледам во кафеанчето карши мене како се мези, части другари...Па како им успева не разбирам?

...Можеби ова се само некои делови од мозаикот на луѓе што многу добро си се преструктурираа во новото време, користејќи ги своите вештини и способности за да дојдат очигледно до пристојна егзистенција.

 Абе ние Македонците, се жалиме ама ќе се снајдеме, па да пукнеме.

Секој трет граѓанин на Македонија живее во социјална исклученост, односно е сиромашен затоа што не може да ги плати сметките, да купи доволно храна, облека, обувки... Седумдесет и четири проценти од Македонците живеат само од плата, 4 отсто од пензија, 16 отсто од пари на сопружникот или на родителите, 3 отсто со помош на кредити, а 2 отсто со пари од странство од роднини, покажуваат податоците од анкетата наречена „Крпен живот - што не можат да си дозволат граѓаните“. 

42,1 процент од анкетираните се изјасниле дека им одат цели приходи за храна и за сметки, додека 28,4 отсто рекле дека немаат доволно пари ниту за тоа. 

Само 16,8 отсто имаат доволно пари и можат да ги намират сите потреби, а 12,7 проценти рекле дека успеваат дури и нешто да заштедат. Шеесет и девет проценти се изјасниле дека не можат да одат на одмор или на некое патување еднаш во текот на годината, 76 проценти не можат да возат кола секој ден, а 34 проценти рекле дека не можат да си дозволат ништо од горенаведеното.