“Еднаш свет изградив” е наслов на најновата премиера на Театарот за деца и младинци

“Еднаш свет изградив” е наслов на најновата премиера на Театарот за деца и младинци, која во рамките на младинската сцена, ќе биде одиграна денеска  во 20 часот.

Претставата е во режија и според текст на Јане Спасиќ, а инспирирана е од романот”, “Сидарта” на Херман Хесе. Таа поттикнува важни животни прашања, од гледната точка на таткото и синот, и наменета е за тинејџерите, но и нивните родители…

– Ова е приказна за оние преодни фази во животот, една наша семејна приказна за односот меѓу татко и син, за наоѓањето на смислата за некои одлуки што ги направил таткото во животот. Претставата поставува прашања дали и синот треба да го направи истото. Дали ако неговиот избор е идентичен, и неговите грешки ќе бидат идентични…”, вели за претставата режисерот Спасиќ. Тој додаде дека нарацијата во претставата е интересна и мошне динамична и дека во нејзе постојано се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста.

“Мислам дека претставата е блиска до младинската динамика на примање на наративите и дека тие ќе се најдат во тој некој свој однос кон родителите, но и дека и родителите ќе ги разберат одлуките на децата”, додава Спасиќ.

Според актерот Драган Довлев, кој го игра таткото, не се работи за поставување на “Сидарта” на Хесе, туку исто како и во неговата филозофска книга, се отвораат некои важни егзистенцијални прашања.

“Претставата е приказна за постар човек кој пред крајот на животот е болен од деменција и си замислува дека го живеел животот на Сидарта. Но сите прашања што Хесе ги отвора во неговата книга се отвораат и во нашата претстава: кој сум, што сум, каков сум бил порано, што сум сега, што ќе биде со мене во иднина, дали животот ми има смисла или треба нешто да променам, дали треба и натаму да трагам и да учам или да се задоволам со знаењата што ги имам…. Токму задачата на театарот е да се занимава и да отвора вакви теми”, посочи Довлев.

Ликот на синот го игра Ненад Митевски, кој вели: “синот ги гледа фазите предвреме и себеси се гледа во ликот на таткото”.

Во претставата играат и Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и за првпат “паралелно добро со возрасните актери” и деветгодишниот Михаел Стојановски. Сценографијата е на Мери Батаноја, костимограф е Бранкица Јордановска, композитор на музиката Дарија Андовска.

Директорката Катерина Илиевска-Силјановска, посочува дека Театарот за деца и младинци планира да го продолжи континуитетот на младинската сцена во средите во 20 часот. На репертоарот,пак, би се вратиле малдинските претстави “Нашиот клас”, “Заспаниот разум раѓа чудовишта”, како и Орвеловата “Животинска фарма”, кои од технички причини сега ги нема во понудата на театарот.