Еднаш ми кажа дека едвај чекаш да остареме...

Те чекам. Те чекам додека низ Европите патуваш и го градиш својот живот. Да, по Европите. Знам дека постои само една Европа, но таа толку многу те одзема од мене, што ми се чини дека се барем две-три.

Чекам... и се сеќавам. Како ме гледаше на она игралиште. И на нашето прво кафе. Веројатно уште оттогаш требаше да знам дека сѐ ќе ни биде надвор од вообичаеното. Еднаш ми кажа дека едвај чекаш да остареме. Зарем тоа не беше најубавата љубовна изјава? Дали е целта на сето ова да остареме заедно и да бидеме среќни поради сите тие години во кои сме можеле да се распаднеме, а сепак останавме заедно? Заради сите овие години во кои секој сам за себе се распаѓаше и се крпевме едни со други за да останеме една целина. Знаеш, и јас почнав нетрпеливо да посакувам да остареме.

Долго те чекам, те чекам уште пред да те запознаам. Те чекав во сите ходници на мојот живот, предолги и претемни, чекав да ме поздравиш од некој од своите ходници и да ја одморам душата на твоите рамена. Предолго те чекав во сите соби означени со некоја бројка, на сите расклатени кревети, додека ти во некои други соби воопшто не ни знаеше дека ме чекаш мене. Да го подметнеш своето рамо за мојата уморна душа да се потпре на него. Да ми кажеш како едвај чекаш да остареме заедно.

Те чекам заедно да го изградиме нашиот живот, куќа, да имаме куче и мачка, да одгледуваме пиперки и кромид во нашата малечка градина. Да ти кажам дека ме нервираш што не разбираш дека сите чинии мораат да бидат совршено бели. Да ти ги наредам алатките по боја и големина, а тоа да нема никаква логика и на крај да ми забраниш да ги допирам.

Чекам да станеме мајка и татко. Мама и тато. И на нос да ти го издавам тоа што со часови сум се породувала, а детето личи на тебе. А всушност го молам Бог да биде милостлив и да направи децата да ни личат на тебе, затоа што нема шанси некој да трпи тинејџер со мојот карактер. Да создадеме и да воспитаме барем едно суштество на оваа планета, дете кое ќе живее слободно, неоптоварено од предрасуди и слични глупости. Да им оставиме добар пример на оние кои ќе дојдат после нас, да им оставиме и малку наследство и куфери полни со животни лекции кои ќе ја имаат истата поука: Сѐ е возможно, само треба да се осмелиш да сонуваш.

Те чекам и тебе и таа наша старорст. Да не знаеме каде ни се очилата, чевлите и забните протези. Да ги редиме фотографиите на ѕидовите и полиците и да ги обележуваме датумите. Да чистиме прашина од фигурите кои сме ги купиле со последното евро во џеб на некое од нашите патувања на кои секогаш тргнуваме со помалку пари.

Еден ден да имаме повеќе спомени отколку години пред нас. И кога младоста ќе си отиде од нашите животи, да имаме пријателство и разбирање доволно за да се сакаме, а не да се трпиме до крајот на животот. Да имаме слики од сите прекрасни градови низ Европа и од оние места на кои пензионерите се сликаат клекнати до полињата со цвеќиња.

И еден ден, додека го пиеме утринското кафе, а и двајцата сме веќе во поодминати години, да си речеме еден на друг: „Еј, види,  остаревме...“