Една воспитувачка на 20 деца – родителите бараат најдобар третман за своите деца, а услови за тоа нема

Ако вашето дете оди во градинка во група од 20 деца, радувајте се бидејќи тоа е вистинска реткост. Во просторија од 40 квадратни метри, повеќе од триесет дечиња на возраст од 3-4 години брмчат како пчели во кошница, а ги чуваат само две лица.

Проблем кој што воопшто не е нов. А како изминува времето, така истиот зема се поголем замав.

Незадоволни се и  воспитувачките и родителите.

Родителите бараат најдобар третман за нивните деца, а услови за тоа нема.

-Во нашата група има над 40 деца, а ние сме само две воспитувачки. Понекогаш се чудам и самата како успевам. Не знам на која страна прво. Родители, како родители. Секакви, едни се прават дека ве разбираат и се чудат како се справувате со толку голем број деца, а едни ве обвинуваат вас, зошто вашето дете не добива соодветен третмна и бараат да му бидете дадилка на неговото дете. Многу пати до сега се пожаливме кај надлежните, но освен стискање на раменици, не добивме никаков одговор. Ние изнемоштени, родителите незадоволни, а децата не го добиваат сето она што е потребно, а надлежните немаат решение на нашиот проблем, раскажува воспитувачка од скопска градинка.

На ист проблем се и родителите.

-Мојата ќерка има четири години. Во група е со над 35 деца. Одиме една недела во градинка, па две не... Постојано некој здравствен проблем. А и како да нема, кога се толку многу. Воспиттувачките и да сакаат, не можат да им посветат доволно внимание на сите. Тоа е ќе тераме така. Немам финансии за да плаќаме дадилка за да ја чува во домашни услови, раскажува една мајка.

Во Законот за заштита на децата групите во градинките се предвидени да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Кога се во прашање хомогените групи, до 12 месеци се предвидени групи од шест до осум деца, над 12 до 18 месеци, групите треба да бројат од осум до десет деца. Над 18 месеци до две години групите треба да бројат од десет до 12 деца, а над две до три години од 12 до 15 деца. Од 15 до 18 деца треба да имаат групите од три до четири години, а од 18 до 20 групите со четири и петгодишни деца. Групите од пет до шест години треба да имаат максимум до 25 деца.

Бројките на терен покажуваат дека земјава има недостиг не само од кадар за градинките туку и од објекти. Поголем дел од градинките во Скопје имаат проблем поради недостиг од простор и кадар за згрижување на запишаните деца.

Во повеќето од нив има и по 35 до 40 деца во група, за кои се грижат само една негувателка и една воспитувачка.Вкупно 69 јавни установи со 272 објекти се распоредени во 59 општини, како и 37 приватни установи за деца. Дејноста се реализира во вкупно  309 објекти. Во 60 од вкупно 80 општини има јавни установи за згрижување и воспитание на деца.

Во 6 општини има групи во други просторни услови, додека во 14 општини нема установа, објект, ниту група во други просторни услови за  згрижување и воспитание на деца.