Една година пандемија - светот и понатаму се бори против коронавирусот

На 11 март 2020, Светската здравствена организација прогласи дека епидемијата со коронавирусот зазеде светски размери и доби статус на пандемија. Од 12 март 2020 започна вонредната состојба, со која секоја држава, во рамки на овластувања и статус, преземаше соодветни мерки за заштита на своите граѓани. 

За жал, една година подоцна светот уште не е излезен од оваа состојба и заразата со коронавирус сè уште е со статус на пандемија. 

Но, дали знаете што точно значи тој поим?

Пандемија, накратко, е епидемија на заразни болести која зазема големи географски региони и се шири меѓу повеќе популации од поголеми области, на еден цел континент, на повеќе континенти кои се или не се копнено поврзани или низ целиот свет. За да се прогласи пандемија, според СЗО, потребно е да се исполнат следниве три услови:

– да се појави дотогаш непознато заболување во дадена популација
– инфекцијата да предизвика тешки последици
– болеста да се шири брзо и да се задржи меѓу луѓето (или меѓу луѓето и живиот свет околу нив)

За да може да се прогласи пандемија на некоја болест, таа болест треба да е заразна. Крајната фаза во која состојбата на пандемија престанува е кога ќе се најде соодветен лек кој ја третира заразната болест.

За ковид-19 веќе постојат вакцини и во повеќе делови од светот во тек е активна вакцинација. Сепак, сè уште не можеме да се „ослободиме“ од оваа состојба, со цел да се намали на епидемија, односно да постојат подрачја целосно ослободени од вирусот, односно да се локализира на поограничени реони.

Последната фаза би била ендемија, односно кога ќе останат само одредени делови од планетата каде ковид-19 е сè уште активна болест, но сепак локализирана. Со целосната имунизација и одреден период без ниеден позитивен случај, може да се прогласи крај на пандемијата во целост.