Една година од првиот случај на КОВИД-19 во Македонија: Како почна, а каде сме сега?

На 26 февруари 2020 во Македонија беше регистриран првиот случај на коронавирус, кај патничка која пристигна од Италија патувајќи со комбе, но и покрај тоа, не е регистриран ниеден позитивен сопатник.

До овој ден, коронавирусот ни се чинеше како нешто што се случува далеку од нас, иако дури и во најблиското соседство имаше потврдени случаи, а границите на државата и понатаму беа отворени, што значи дека секојдневно заминуваа и пристигнуваа голем број луѓе. Но, кога одекна веста за првиот потврден случај, стравот и неизвесноста станаа поголеми, бидејќи веќе сите знаевме дека таа бројка ќе расте. Само неколку денови подоцна беа регистрирани уште два нови случаи, сопружниците од Дебар кои исто така допатувале од Италија.

Иако првото искуство со вирусот беше дека позитивната пациентка не „создаде“ кластер, со сопружниците од Дебар не беше така. Секој ден растеше бројот на заразени во градот, луѓе кои имале директни контакти, а имаше и неколку медицински лица кои беа позитивни на коронавирусот, по што се воведе кризна состојба во Дебар и Центар Жупа и беше ангажирана Армијата.

Но, она што ја разбранува јавноста и предизвика голем бес и лутина беше неодговорното однесување на докторката Нина Цаца, која во тоа време беше и директорка на Клиниката за кожни болести. Таа исто така се врати од Италија од скијање и беше официјално четвртиот регистриран позитивен случај на коронавирус во државата. Меѓутоа, наместо да се изолира и покрај симптомите, таа одела на работа и во меѓувреме одржала стручна конференција со голем број присутни лица од фелата.

Вонредна состојба на цела територија

Сериозноста на ситуацијата беше клучна за да се воведат препораки за намалено користење на јавниот превоз, привремено распуштање на учениците од физичка настава додека да се најде друго решение, препораки за работа од дома за хронично болните и високоризичните лица (во оние професии каде тоа е возможно), но и затворање на кафулињата и угостителските објекти, кои беа први на удар на кризата која започнуваше.

„Редовно мијте ги рацете, доколку нема услови за тоа користете средство за дезинфекција, носете маска и ракавици, не допирајте го лицето и очите“ беа само дел од препораките на СЗО кои важеа и тука. Но, преку ноќ цените на овие средства за заштита нагло пораснаа, поради големата побарувачка, но и неможноста на аптеките и продавачите да се снабдат со доволно роба. Ситуацијата не ја олеснуваше ниту паничното купување на големи залихи од овие средства, што во даден момент продавниците и аптеките беа принудени да ги ограничат купените количини по лице.

Министерот за здравство Венко Филипче на секојдневни прес-конференции известуваше за тековната состојба и заштитните мерки кои беа носени во консултација со претседателот Стево Пендаровски, со оглед на тоа што парламентарните избори беа одложени, а техничката влада ги нема истите ингеренции како регуларно избраната.

После Дебар, полициски час беше прогласен за викенди и во Скопје и Куманово, за после извесно време истото да важи за целата територија. Учениците не посетуваа редовна настава, туку таа се изведуваше онлајн, угостителските објекти се одржуваа со помош на подготовка на храна за носење, доколку имаа дозвола за тоа. Но, дали овие мерки дадоа резултати? Кај оние кои одговорно ги почитуваа, да, но сведоци сме дека многупати беше прекршуван полицискиот час, а и до ден-денес, една година подоцна, полицијата постојано изрекува казни за неносење на заштитна маска.

Каква е ситуацијата денеска?

По велигденските празници имаше нагло паѓање на бројките на новозаразени лица, а со доаѓањето на потоплите месеци, разбирливо беше дека сите луѓе сакаат да излезат и да се прошетаат, да се видат со оние со кои со месеци контактирале само преку телефон или видео-повик, но и да се вратат на секојдневните животни навики.

Сепак, сè уште сведочиме на грубо непочитување на најосновните заштитни мерки - одржување разумно растојание и носење маска.

Во меѓувреме, угостителските објекти започнаа со работа, обложувалниците, казината, одредени бизниси и стопанства, но и покрај тоа, последиците од нагло создадената криза се сè уште видливи. Голем број луѓе останаа без работа или пак земаат намалена плата, малите бизниси се соочуваат со неисплатливост... Бројот на новозаразени варира, има периоди кога се намалува, а потоа нагло расте, а Министерството за здравство веќе одамна не ги одржува редовните прес-конференции, туку известува за состојбата преку веб-страницата и официјалните профили на социјалните мрежи.

За жал, сведочиме како секојдневно грубо се крши заштитниот протокол, а одговорноста никој не ја бара кај себе, туку секогаш кај некој друг.

Вакцина против КОВИД-19 и различните мутации

Голема доза на надеж дава создавањето на вакцината, со која би запрела пандемијата. Во многу држави низ светот веќе се изведува вакцинација според национален план изготвен од властите, а се набавуваат вакцини од повеќе производители. Секако, дури и овој процес е опкружен со голем број контроверзии, но и теории на заговор кои масовно се шират токму со помош на социјалните мрежи.

Сосема очекувано е што постојат и неколку мутации на коронавирусот, бидејќи тој веќе предолго постои и се задржува меѓу луѓето и истиот (како и сите вируси) има способност да мутира, за да може да се адаптира на средината.

Што и да се случи, сепак не можеме да го заборавиме фактот дека од еден локален пазар во Вухан, во далечната Кина, започна нешто што го смени начинот на живеење и функционирање на луѓето во целиот свет.

За жал, голем број лица ги изгубија животите бидејќи не се изборија против заразата. Меѓу нив имаше и медицински персонал, лица со хронични болести, со нарушено здравје, но и целосно здрави и млади личности кај кои заразата со овој вирус беше фатална.

А што се однесува на заштитните маски, дезинфекциските средства и ракавиците, тие веќе се достапни и по различни цени, со најразлични модели и дезени, бои, мириси, буквално како да станаа најнормален дел од секојдневниот живот.