Еден живот, една љубов, еден Вардар, бескрајна радост!

„Еден живот – една љубов.“

Ова не е само обичен слоган. Ова е вистината која навивачите на Вардар навистина ја живеат.

Кога човек еднаш ќе ја почувствува магијата која Вардар ја носи со себе, човек ја носи таа магија со себе до крајот на животот.

Вардар минатата година стана шампион на Европа, но тој одамна е шампион и владетел на нашите срца.

Сите победи и порази го донесоа Вардар онаму каде што е – на врвот на Европа.

Кога Вардар ги допираше височините - сите стоеја зад Вардар.
Кога Вардар имаше проблеми и кризи – сите стоеја зад Вардар.

Што и да се случува во иднината – сите ќе стоиме зад Вардар.

Вардар е вистинско обележје на Скопје и Македонија, не само поради успесите како клуб, туку и поради својата магија, својата способност да нѐ обедини и да не сплоти. Заедно плачеме, заедно се смееме.

И како и секоја вистинска љубов во животот – тоа трае и трае и трае. И како и секоја вистинска љубов – има прекрасни моменти, има лоши периоди и кризи – но, тоа само ја зацврстува љубовта и ѝ дава поголеми и пошироки крила за да биде посилна и за да лета повисоко и повисоко.

Вардар го сакаме и го чуваме. Секогаш. Го љубевме и кога се мачеше, кога броеше порази и кога беше ужасно тешко да пројдеме групи. Го сакавме и кога газеше сѐ пред себе, кога освои сѐ што можеше да се освои. И ќе го сакаме засекогаш – без оглед на тоа дали бил на врвот или не.

Овие момци, оваа генерација со златни букви ќе бидат испишани во историјата на македонскиот ракомет, во историјата на Вардар, но и во нашите срца. И ништо нема да го промени тоа.

И следните „нови клинци“ ќе ја добиваат истата поддршка и љубов. Затоа што да го сакаш Вардар значи да го сакаш секој еден дел од Вардар!

Се присеќавам на ланските мигови кога Вардар во последна секунда ја освои титулата. Реки од луѓе одеа на плоштад, се поздравуваа, се гушкаа едни со други – а дел од нив не се ни познаваа. Сите во еден глас пееја, се смееја и уживаа. Таа сплотеност и ден денес ми предизвикува морници од среќа. Таа сплотеност, радост и среќа ќе ја раскажуваме на внуците!

Не знаеме што ќе се случи во иднина, никој не може да ја предвиди.
Но, една работа е сигурна.

Еден живот – една љубов. Тоа е Вардар.

И како секоја вистинска љубов – таа вечно ќе трае и ќе биде запишана во сите книги!