Еден век од населбата Ѓорче Петров (фото)

Музејска поставка, филм, слики и документи ќе сведочат за постоењето на населба Ѓорче Петров, една од најстарите скопски населби. Целата егзибиција ќе биде поставена во новата општинска зграда. Дел од експонатите ќе биде железничарксата опрема, стар фенер и палки за сигнализација, униформи и многу други работи се дел од колекцијата која сведочи за животот во оваа населба. Низа други активности ќе се случуваат во организација на Општината чија населба оваа година слави 100 години од своето постоење, а главната манифестација е закажана за 22-ри септември. Населбата на бреговите на реката Вардар имала своја железничка станица и била претежно населена од земјоделци. Пред втората светска војна била наречена според францускиот генерал Ханрис, односно Ханриево. За време на окупацијата од Бугарија била наречена по бугарски генерал Жостов, за подоцна да го добие името на македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Својот урбан лик таа го добива по катастрофалниот земјотрес во 1964 година кога со изградбата на инфраструктурата и населбите Влае и Карпош била поврзана со останатиот дел од градот, со што станала гратска населба. Стариот дел од населбата организиран е проширен и организиран во неколку урбани и рурални единици. Сегашната општина Ѓорче Петров е организирана според поделбата од 1996.

Во време кога настанала населбата, поврзувањето со Скопје одело со познатиот воз кој денес се наоѓа во реонскиот парк кој населението го вика „Пампурче“. Возот инаку се обраќал од Охрид до Скопје, движејќи се со помалку од 10 километри на час, па патувањето траело дури 20 часа. Од меѓугратски сообраќај возот е исклучен во 1952, кога продолжил да се обраќа на релација Гратски Парк-Ѓорче Петров-Матка.

Во чест на јубилејот ќе се снима и цеде со колекција песни кои потекнуваат од ова место, како и документарен филм од материјали снимени низ годините.