Еден од починатите во Куманово е полицаец - еден ден пред да почине дознал дека има корона вирус

Полицаец од Куманово вчера починал, а завчера му било утврдено дека е заболен од коронавирус, објави телевизија Телма.

Телма објави за смртта на полицаецот, откако градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски обелодени за јавноста дека две лица починале вчера попладне во Куманово.

Според информациите, 53-годишниот полицаецот бил ангажиран на новиот граничен премин Белановце кон Косово.

Последните десетина дена полицаецот не одел на работа, на 25-ти март земал слободни денови бидејќи не се чувствувал добро. Завчера откако ги добил позитивните резултати на Ковид-19, била погребана и неговата мајка за која не е познато дали била заразена.

Ова е прв полицаец кој подлегна на Ковид-19, а погребот поради состојбата најверојатно ќе се изврши без полициските почести за починат припадник на МВР.