Е-инспектор за елиминација на коруптивни намери и дела

Елиминација на човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциите, намалена корупција, помалку инспекциски надзори и контроли, скратено време на инспекциските постапки, зголемена правна сигурност за субјектите на надзор. Тоа треба да се овозможи со Е-инспектор, електронски систем за дигитализација и автоматизација на инспекциската постапка и надзор преку кој треба да се поврзат 28 инспекциски служби.

Е-инспектор, кој од власта е најавен како најсеопфатен и најважен инструмент во борбата за спречување на корупцијата, според стопанственциите треба да биде проследен и со подигнување на професионалноста, компетентноста и експертската подготвеност на инспекциските кадри. Предизвик за поголема ефективност и понатаму останува неекипираноста на инспекторатите, каде со најмалку пополнети работни места заклучно со лани е Инспекторатот за локална самоуправа, а со најмногу Санитарниот и здравствениот инспекторат.

Во тек на месецов се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците, опфатени со Е-Инспектор. Овој систем би бил целосно оперативен во февруари 2024 година, од кога преку него треба да се спроведува инспекциската постапка и надзорот на инспекторите. Со проектот најавен како алатка во борбата против корупцијата се ветува и фер пристап, односно субјектите кои ги почитуваат законите и плаќаат данок, нема да бидат оптоварени со постојани редовни контроли. Електронски ќе се обезбедуваат сите потребни документи. Ќе може да се вршат и заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време.

Од Инспекцискиот совет за МИА информираат дека првата пилот фаза на системот Е-инспектор, што се спроведува со поддршка на УСАИД Проектот за модернизација на инспекциските служби, е целосно завршена. Во февруари годинава почна реализацијата на втората фаза. Целта е да се развијат модули за вклучување на 13 нови инспекциски служби. Тоа се Државен инспекторат за земјоделство, Државен просветен инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен комунален инспекторат, Инспекторат за употреба на јазиците, Државен инспекторат за локална самоуправа и Државен девизен инспекторат.

– Платформата Е-инспектор се изработува со поддршка на ЕБОР. Проектот што започна во февруари 2022 година ќе трае се до февруари 2024 година под капата на Инспекцискиот совет. Се работи на анализа и надградба на постоечкиот информатички систем, кој беше изработен за три пилот инспекторати, односно подобрување на системските решенија со цел подобрување на функционалноста на системот. Во текот на декември се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, и тоа: Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците. Понатаму развојот на модулите за останатите инспекциски служби ќе следи согласно изготвениот Акциски план. Се очекува Проектот да заврши во февруари 2024 година со што Е-Инспектор би бил целосно оперативен, односно инспекциската постапка и надзорот инспекторите ќе ги спроведуваат преку системот, велат од Инспекцискиот совет.

Со софтверот и неговото приклучување кон платформата за интероперабилност, инспекторите ќе можат лесно и брзо да ги добијат сите податоци од другите институции кои им се неопходни за да можат квалитетно и навремено да ја спроведат и завршат инспекциската постапка, со што ќе се намали и притисокот кон стопанствениците во однос на обезбедувањето на потребните податоци.

Со дигитализацијата на инспекциската постапка се воведуваат новини особено во фазата на планирање на надзорите, односно каде и кога ќе се врши надзорот, но исто така се обезбедува и автоматско генерирање на записниците и решенијата кои произлегуваат од таа постапка.

Од Инспекцискиот совет објаснуваат дека системот треба да овозможи полнење на базата на податоци со информации за субјектите на надзор добиени од претходно спроведените надзори, во смисла дали и кои законски обврски ги исполниле или не ги исполниле, дали постапиле по дадените укажувања на инспекторот, дали ја повториле грешката, од што ќе зависи нивната класификација во системот, односно градација на субјектите на надзор на високо, средно или ниско ризични субјекти. Од тоа, посочуваат од Советот, произлегува придобивката за субјектите на надзор, бидејќи во зависност од степенот на ризик на субјектот ќе зависи на кој временски период ќе му се врши инспекцискиот надзор, односно една годишно, еднаш на две години или еднаш на три години.

Исто така, ќе се создават услови да се спроведат повеќе надзори, од различни инспекциски служби, кај еден субјект, во исто време. Со тоа би се скратиле честите контроли и надзори кај субјектите, односно инспекцискиот надзор ќе биде ефикасен и ефективен. Врз основа на внесените податоци во системот кои се однесуваат на работата на субјектот на надзор, односно во зависност од степенот на ризик, системот ќе врши автоматско планирање на надзорите, односно ќе генерира годишни и месечни планови за работа на инспекциските служби.

Со Е-Инспектор се прават промени и при распределбата на надзорите, односно распределбата на надзорите/предметите до инспекторите ќе биде исто така автоматизирана и ќе се врши согласно одредени критериуми како што се обемот, сложеноста и тежината на надзорот, и нивото и искуството на инспекторите.