ДЗС: Над 11 илјади попишани за еден ден, регистрирани Македонци и во Џибути

Евиденцијата на самопопишувањето покажува бројка од 171 620 државјани на РСМ кои живеат во странство и кои се самопопишале на електронската апликација од почетокот на овој процес од 1 март до денес, информираат од Државниот завод за статистика.

Само во последното деноноќие се попишани 11.101 лице.

– Интересни се и бројките по земји: Дали сте знаеле дека во Џибути има тројца македонски државјани кои се самопопишале, во Тувалу и во Свалбард и Јан Мајен по четири, во Северни Маријански Острови 11 итн. Навистина нè има насекаде и тоа треба да го покажеме, се вели во соопштението од ДЗС.

Процесот на самопишување почна на 1 март и ќе трае до 21 април, а преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци.