Државниот завод за ревизија утврдил серија слабости во јавните набавки на АД ЕСМ – Скопје, од планирањето и тендерските постапки до реализацијата на договорите.

Ревизијата опфатила 27 постапки, по кои во 2024 година биле преземени обврски од 8,86 милијарди денари, односно околу 143,6 милиони евра.
Еден од најзначајните наоди се однесува на набавката на гасен мотор. За него биле исплатени 153,3 милиони денари, или околу 2,48 милиони евра, но моторот не бил ставен во функција и подолг период бил складиран без обезбедени услови за користење. Ревизорите не можеле да ја потврдат ниту оправданоста на постапката со преговарање без објавување оглас поради наводна итност.
За адитив биле платени 141,6 милиони денари, односно околу 2,29 милиони евра, при што најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Дополнително, 106,2 милиони денари биле платени за дислокација на опрема која не била ставена во употреба.
Ревизорите утврдиле и проблеми со конкуренцијата. Во дел од постапките била доставена само една понуда, додека договори со шест економски оператори сочинувале повеќе од 70 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во 2024 година.
Во текот на 2024 година ЕСМ 19 пати го менувал годишниот план за јавни набавки. Според ДЗР, тоа влијае врз транспарентноста, финансиското планирање и предвидливоста на постапките.
Слабости биле утврдени и во техничките спецификации, проверката на документацијата и измените на договорите. Во одредени случаи биле прифатени суштински промени на техничките карактеристики по испораката, што според ревизорите го доведува во прашање еднаквиот третман на понудувачите.
ДЗР утврдил и надминување на законскиот праг за набавки без спроведување постапка во 2024 година, во износ од 81.644 евра.
Ревизорите дале препораки за подобро планирање, поголема конкуренција и транспарентност и поекономично користење на јавните средства.