ДЗР алармира: Ќе бидат потребни стотици милиони евра да се покријат долговите

Државните ревизори аламираат за направените долгови и огромната буџетска дупка. Според нив 2023 година сме ја завршиле со долг од 62,1 отсто од БДП. Во ревизијата што ја имаат направено се констатирало дека министерството за финансии се задолжувало иако условите не биле поволни, додека државата не ги прикажувала реалните потреби за финансирање.

„Во период на здравствена, енергетска и економска криза, Министерството за финансии и покрај неповолните пазарни услови (високи каматни стапки) обезбедило средства од официјални кредитори за буџетска поддршка по пониски каматни стапки од пазарните. Фискалната политика преку финансирање на буџетскиот дефицит има значајно влијание врз нивото и одржливоста на јавниот долг, стои во извештајот на Државен завод за ревизија.

Поради достигнатото енормно високо ниво на јавен долг,ревизорите алармираат да се внимава на управувањето со јавните финансии.  Според ДЗР, во периодот од 2025 до 2028 година ќе доспеваат за плаќање издадените еврообврзници, што може да создаде дополнителен притисок во државната каса.

За подобрување и унапредување на процесот на сервисирање на јавниот долг, ревизијата препорача неколку мерки кои вклучуваат анализа на институционалната рамка за управување со јавниот долг за намалување на оперативниот ризик, точно прикажување на финансиските потреби во Буџетот, примена на анализа за одржливост на долгот при креирање на фискалната политика, дефинирање на јасна методологија за пресметка на долгот и анализа за прикажување на обврските за камати на долгорочни и краткорочни“, стои во извештајот.

Во извештајот е нотирано и ненавременото известување на министерството за финансии за висината на јавниот долг, односно додека финансии известуваше дека состојбата на долгот на крај на минатата година изнесувала 58,26 отсто од БДП, статистика обелодени дека е 62,01 отсто по што министерството се корегираше.