Џез-викенд на „Охридско лето“, новитет на фестивалската програма

Со концертот на холандско-британското „Доминик Маршал трио“ утревечер на сцената Долни Сарај започнува џез-викенд програмата на годинашниот 57-ми Фестивал „Охридско лето“.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, станува збор за новитет во фестивалската програма, со настап на врвни уметници од светот на џез-музиката.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски истакна дека претстојниот настан претставува обид за збогатување на програмата на фестивалот со музичко-уметнички збиднувања замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната фестивалска публика.

Програмата за претстојниот џез-викенд предвидува по два концерта дневно во текот на наредните три вечери, со почеток од 21 и од 22:30 часот на сцената Долни Сарај.

На програмата се целовечерни концерти на македонско-данскиот бенд „МОМБ и Памперс од д фол“, преку данскиот гудачки квартет „Т.А.О.“, финската уметница на бандеон и хармоника Хели Сиекинен и американско-британскиот „Project Hideaway“, до финалето в недела со настапот на американскиот бенд предводен од Лери Дан, инаку поранешен клавијатурист на светски познатата група „Earth, wind and fire“.

– Почестени сме што сме дел од фестивалот „Охридско лето“, во овој прекрасен град исполнет со култура, на уште поубавото езеро…Ова е мое прво гостување во Македонија, со нетрпение и голема возбуда го очекуваме настапот со останатите членови на мојот бенд „Лери Дан и пријателите“. На прекрасната сцена покрај самото езеро ќе изведуваме наши авторски композиции, класични џез-дела, секако и дел од светските хитови на „Earth, wind and fire“, рече Дан.

Финската уметница на хармоника и бандеон Хели Сиекинен, која инаку е изведувач на класични музички композиции, рече дека специјално за „Охридско лето“ ќе настапи со програма малку поразлична од нејзиниот вообичен репертоар.

– Мошне сум среќна што ја добив можноста да настапувам тука со нова програма. Очекувам забавна вечер за сите што ќе дојдат на мојот концерт, рече Сиекинен.

Посебен шлагворт за фестивалската публика ќе бидат и некои композиции што светските џез-уметници ќе ги изведуваат во 7/8 такт, карактеристичен за македонската музика.