Џез легендата, големиот АРТУРО САНДОВАЛ прв пат со концерт во Македонија

Концертот на АРТУРО САНДОВАЛ е еден од најексклузивните во програмата на годинашното издание на Охридско Лето.

Името кое сите со нетрпение го очекуваат на годинашното „Охридско лето“ е она на легендарниот џез-трубач АРТУРО САНДОВАЛ од Куба, кој денес важи за еден од најценетите чувари на џезот, но и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор. „Артуро Сандовал секстет“ од САД ќе настапи на 6-ти август во Античкиот театар, со повеќе дела од џез-музиката. Станува збор за вистинска жива легенда и еден од најзначајните џез трубачи во светот, ученик и штитеник на маестралниот Дизи Гилеспи. На фестивалот ќе настапи заедно со својот бенд: Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергични музичари на денешницата, чии настапи бројат милиони гледачи ширум светот, меѓу кои и оние на церемониите за „Оскар“, „Греми“ и „Билборд“ наградите. Воедно и самиот е добитник на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, признанието Hispanic Heritage, како и наградата Presidental Medal of Freedom доделена од претседателот на САД - Барак Обама. Од останатите достигнувања на Сандовал ќе ја издвоиме и титулата Доктор на науки по Убави уметности што неодамна ја доби на Универзитетот „Нотр-Дам“.  Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а соработката со некои од најголемите музички ѕвезди денес резултира со голем број изданија. Покрај тоа, Сандовал е познат и како композитор на филмска музика.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со светските музички ѕвезди како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, ја напишал музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија. Овој Кубанец е коосновач на кубанската група „Иракере“, а во својата досегашна кариера ги освоил најпрестижните награди.

Билетите за концертот на АРТУРО САНДОВАЛ се достапни во продажба по цена од 600, 800 и 1000 денари, а истите можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикест, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат), дирекцијата наОхридско Лето, како и онлајн на овој линк.