Џамбазов: Се враќам каде што припаѓам, во театарот што го оформи мојот дедо

Голема чест за мене е да се вратам во Македонскиот народен театар, да се вратам онаму каде што припаѓам, рече Игор Џамбазов во емисијата „Око“ на „ТВ Нова“. Џамбазов најави дека повторно ќе биде дел од актерската екипа на МНТ после долги години што ги поминал како невработен.

Џамбазов се наврати во времето кога започнал да ја развива љубовта кон драмската уметност во драмскиот театар, а после долги години успешна работа и учевство во неколку легендарни претстави се префрлил во МНТ, но отказ добил пред околу 12 години. Во тоа време Џамбазов беше популарен и заработуваше многу на телевизиските екрани. Во 2006-та година на предлог на директорот на МНТ Сашо Миленсковски, прифатил да гостува во претставата „Сомнително лице“ по повод 100 години од раѓањето на неговиот дедо Петре Прличко и две години останал таму.

– Отприлика во тоа време почна да се случува крахот во театрите. Почнаа тие чудни договори на дело од две години. Тие работи не ми се допаѓаа, израснат сум во време кога театарот беше светиња и се повлеков, да одморам и јас од него и тој од мене. Секаде кажував дека не е време да се вратам во театар и нагласував дека би можел да ме врати единствено Тони Михајловски, кој пред една година стана уметнички директор на МНТ, а тука морам да ја спомнам и Весна Петрушевска со која влеговме во игра и работевме на една претстава. Додека ја подготвуваме истата, не само Тони туку и Дејан Пројковски како генерален директор ми понудија да се пријавам на конкурсот што го објавија и така на стари години повторно се вработив. Ми направија чест со тоа што ме ставија во првите глумци. Благодарен сум им, затоа што ако ништо друго ми го наполнија испразнетото театарско его. Имам уште 11 години до пензија –  истакна Џамбазов.

Јавно велам дека јас само се вратив онаму каде што припаѓам, се вратив во тетарот кој го оформил мојот дедо, во театарот во кој учевствувала и мојата покојна мајка Анче и јас како трета генрација, со гордост се потсети Игор.

Тој доаде дека никој во МНТ нема ништо против неговото враќање на сцената, туку напротив воодушевен е од односот на вработените кон него.