
Игор Џамбазов ќе го отвори мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“, кој во понеделник од 21:00 часот ќе се одржи на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија, по повод 35 години независност на Македонија.
Настанот ќе ги спои музиката, поезијата, визуелната уметност, видео-мапингот и современата клупска култура.
Ќе настапат Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски, кои се дел од групата „Скопје Виа“ и Лаура Карлиу. Таа ќе настапи на македонски и албански јазик, а дел од програмата ќе биде посветен и на ромската култура.
Ќе биде поставена изложба курирана од Антони Мазневски, со дела на Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глугоријадис, Ангел Миов и Синиша Новески. Актерката Ана Стојановска ќе настапи со рецитал.
По официјалниот дел ќе следува клупска програма со Нино Флудер, Александра Илиева, Ампов и Димчуга од колективот „Буру“. Вечерта ќе ја затвори Мирофора, диџејка и радиоводителка од Солун и членка на грчкиот колектив „НОН“.
Организатор е музичката платформа „Терапија“.