Џафери ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, образложувајќи дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека иницијативата е во сoгласност со чл.24 од Законот за референдум и порачаа дека Џафери нема основа да ја отфрли, додека од владејачката СДСМ ја поддржаа одлуката на Џафери поради тоа што и тие ја сметаат за неуставна.

Џафери во одговорот до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски наведе дека граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година), не е во согласност со член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот на Република Северна Македонија.

-Во член 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, стои во одговорот од Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Џафери порачаа дека иницијативата за распишување референдум што ја поднесоa не е противуставна.

-Претседателот на Собранието Талат Џафери ниту има право да ја толкува, бидејќи тоа е надлежност на Уставниот суд, ниту пак има основ да ја отфрли, рече на прес-конференција Дафина Стојановска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието.

Стојановска нагласи дека со иницијативата не се бара менување на меѓународен договор, туку престанок на неговата важност. Со одлуката да се одбие иницијативата, како што рече, власта прави правни гимнастики за да избегне народ и да го избегне неговиот став за договорот. Спорен е и фактот, посочи, што претседателот на Собранието Талат Џафери денеска противправно си ја доделил улога на уставен судија.

Според Стојановска, ваквата одлука на власта, само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието и ќе ги зголеми поделбите и порача дека за сето ова единствено одговорна ќе биде власта.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски на прес-конференција рече дека  ја поддржуваат одлуката на претседателот на Собранието да ја одбие иницијативата поради тоа што, како што велат, е неуставна бидејќи согласно Уставот меѓународен договор не може да се поништи со закон.

-Договорот може да го раскине само тој што го потпишал, во случајот Владата, а тоа да ја извести другата страна. Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и формира Влада, тогаш може да го раскине Договорот, рече Митревски на прес-конференција по отфрлањето на иницијативата.

Оваа иницијатива, сметаат од СДСМ, е само обид на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и тесното партиско раководство да се затскријат зад народот и да ги спасат своите фотелји во партијата.

-По сите консултации со експерти што ги имавме изминатиот период ние тврдиме дека ова не е уставно. Ние во минатото во 2018 година сме изгласале Закон за ратификација за Договорот за добрососедство со Бугарија. Таков е законот кој сме го изгласале. Согласно член 118 од Уставот не може со закон да се поништи закон за ратификација на Меѓународен договор. Во членот 13 став 3 од Договорот стои дека тој што го потпишал, во случајот Владата може да го раскине и за тоа да ја извести другата страна, рече Митрески.

Во коментар на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, евроамбасадорот Дејвид Гир вчера порача дека „се што води назад и ги попречува евроинтеграциите треба да се избегнува“.

-Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање, рече Гир во интервју за 360 степени.

Тој истакна дека Европската Унија не гледа со наклонетост на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот со Бугарија. Добрососедските односи, како што посочи, се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ, а Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, треба да се имплементираат во добар дух од сите.

За спроведувањето на референдумот ВМРО-ДПМНЕ вчера доби парламентарна и теренска поддршка од Левица.

-Иако опозициската иницијатива за задолжителен дополнителен референдум со кој би престанало важењето на контроверзниот Закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија содржи несреќно формулирано референдумско прашање, сепак – во духот на семакедонското обединување и јакнење на фронтот против окупационата влада на СДС и ДУИ – Левица ќе даде парламентарна и теренска поддршка за спроведување на Референдумот, наведоа од Левица во соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум откако ги собраа потребните потписи за нејзино поднесување, а претходно на 5 септември партискиот Извршен комитет го усвои и референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.

Мицкоски тогаш изјави дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција во ЕУ, но не поддржува асимилација и идентитетско обезличување.  Договорот за добрососедство со Бугарија, смета Мицкоски, е изворот и почетокот на сите проблеми за државава и основата по која потоа Бугарија ги темелела своите максималистички барања и позиции.