ДВЛМ ги поддржува шампионските предизвици на Игор Стефановски Иџе

Државна видео лотарија на Република Македонија од март, започна соработка со европскиот првак Игор Стефановски Иџе. Миленикот на македонската публика, минатата година, веќе втора сезона по ред, се потврди како Европски шампион на ридски патеки. Тој е исправен пред нов предизвик, ќе вози во ЕТЦЦ шампионатот од следниов викенд.

Стефановски е амбициозен спортист со врвни резултати, кој ја одразува нашата општествено одговорна политика за поддршка и поттикнување на македонскиот спорт. Од овие причини, Државна видео лотарија на Република Македонија во 2016 ги поддржува шампионските предизвици на Стефановски.

Најдобриот македонски автомобилист од викендов го започнува својот историски предизвик- старт на ЕТЦЦ шампионатот, што е едно скалило под ВТЦЦ. Од Франција, ќе ја стартува својата прва трка, која викендов ќе се вози на патеката „Пол Рикард“. По трката во Франција, следат трките во Словачка, Германија, Португалија, Франција и Италија. Мотив за Иџе ќе биде наградата за прво место, затоа што шампионот во оваа конкуренција ќе добие возачко место во ВТЦЦ.

„Дојде денот, јас и мојот тим да го оствариме она што го работевме со години. Да почнеме ново скалило во мојата кариера, едно од најпрестижните во светот. Се излезе многу брзо и непланирано, се надевам ќе ја преставиме Македонија како што треба. Имавме малку време за тестирање, но веруваме во добар пласман. Ќе биде тешко, бидејќи кружните патеки не ги возам од 2007. Добро е што имаме професионална поддршка од тимот на ЛЕМА рејсинг, планираме да освоиме што повеќе бодови, па и да победиме на една трка„- изјави Стефановски на денешната средба со медиумите.