Две во едно: Полжав во сирење, бубачка во леб - проверете што купувате во маркетите

Полжав во сирење, бубашваби и молци во леб, догорче од цигара во ќесичка сончоглед, црв во леб… Чести се ваквите слики на потрошувачите кои  ги објавуваат своите фотографии од храна со „изненадување” во групи на Фејсбук и на Твитер. Има и граѓани што случаите ги пријавуваат и во Организацијата на потрошувачите на Македонија (OПM).

Од  Агенцијата за храна и ветеринарство која се грижи за безбедноста на храната на македонскиот пазар велат дека годинава стасале 190 претставки со кои купувачите се пожалиле дека купиле небезбедна храна, а потоа инспекторите за храна правеле контроли. Од оваа институција апелираат потрошувачите да пријавуваат за сомнителните производи кои ги купуваат.

КАДЕ МОЖЕ ДА ПРИЈАВИТЕ?

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на граѓаните, потрошувачите можат да ја поднесат до Агенцијата за храна и ветеринарство и до одделението за заштита на потрошувачите во централата на агенцијата или во подрачните единици, усно, писмено  и електронски на info@fva.gov.mk. Претставки може да се поднесуваат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Претставката може да се поднесе и анонимно, информираат во АХВ.

По завршувањето на целата постапка, предметите се доставуваат до Одделението за заштита на потрошувачите во Агенцијата кое врши евалуација на поднесените претставки врз основа на воспоставената база на податоци, која ја покажува перцепцијата на  потрошувачите за опасностите и ризиците од храната.

Оваа година во претставките на граѓаните испратени до Агенцијата најмногу поплаки имало за изменети својства на храната т.е. на изменети и сомнителни вкус, мирис, боја кај месо, риба, овошје и зеленчук, леб. Имало поплаки и за присуство на контаминенти во храната како биолошки како инсекти, црви, мушички, но и механички како стакло, пластика, метал. Воедно во претставки напоменети се и производите со поминат рок на употреба како месни и млечни производи, чоколади, сомнежи за труење со храна.