Две опомени, па бркање од домот за студентите што ќе фрлаат ѓубре во „Пелагонија“

Две опомени, глоба и третиот пат ќе следува исклучување за студентите што ќе бидат фатени како фрлаат ѓубре од прозорците во дворот на домот „Пелагонија“.

Директорот Бурим Муртезани вели дека не се точни информациите дека студентите се вклучиле во акцијата. Тој вели дека екипите на „Комуналана хигиена“ заедно со вработените од домот ги исчистиле депониите од паркот зад женската зграда на домот. Тој вели дека и досега опоменувале студнети што несовесно се однесувале, но им прогледувале низ прсти затоа што доаѓаат од социјално загрозени семејства и немаат каде да престојуваат за време на студиите. Од денеска ќе се применуваат новите казнени мерки, категоричен беше Муртезани.

„Планираме да поставиме видеонадзор со неколку камери што ќе снимаат од сите страни на студенскиот дом. Оваа мерка моравме да ја преземеме бидејќи неколкупати се соочуваме со купишта смет под прозорците на студентските соби. За оние што ќе бидат затечени како фрлаат отпад, првично ќе бидат опоменати, а доколку не се подобри нивното однесување, ќе бидат испишани од домот“, вели Муртезани.

Механизацијата на „Комунална хигиена“ и денеска беше на терен. Велат дека од дворот ќе бидат изнесени кабастиот отпад и шутот што се собирал со месеци.

„Дворот е исчистен, но ние ќе останеме на терен сè додека не се исчисти целиот шут. Има стар инвентар од реновирањето на домот. Затоа, ние апелираме граѓаните и институциите да нè известат и навреме да го собереме“, рече Абдусамет Шабани, директор на ЈП „Комунална хигиена“.

Во акцијата се вклучи и Град Скопје иако, како што рече градоначалникот Шилегов, чистењето на студентските домови не било во нивна надлежност.

„Град Скопје има надлежност за чистење само 10 отсто јавни површини, преостанатото е обврска на општините, јавните претпријатија , куќните совети. Сите општини треба да се грижат за јавната хигиена. Овие диви депонии ги создаваат луѓе и тие не никнуваат од земјата. Секој од нас треба да преземе одговорност за своите постапки“, рече Шилегов.

Како што информираа надлежните, по завршувањето на викендот, од дворот се собирале и до 20 вреќи ѓубре што го фрлале студентите од прозорците. Надлежните ветија дека градата слика нема да се повтори и дека ќе ги спроведат санкциите за несовесните.

Инаку, во студенскиот дом „Пелагонија“, престојуваат приближно 1.000 студенти од цела Македонија.