
Денеска околу 17 часот на патниот правец Прилеп–Росоман, во близина на селото Радобил, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Во незгодата повредени се пет лица, од кои три се пренесени во болницата во Прилеп, а две во болницата во Кавадарци. Лекар констатирал смрт кај две лица, информира Министерството за внатрешни работи.
Од 18 часот сообраќајот на овој потег се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата. Полицијата врши увид, по чие завршување јавноста ќе биде дополнително информирана за деталите од несреќата.
Сцената од местото на несреќата ја опиша и докторот Ненад Лазаров, кој случајно се затекнал таму и помогнал на повредените.
„Некои хорори е добро што е невозможно да се прераскажат. Пред два часа, како случајни минувачи, на патот помагавме на тешка сообраќајка после Плетвар кон Кавадарци – двајца загинати и пет души тешко повредени, најстариот околу 40 години. Ве молам и апелирам да возите нормално и внимателно, јас сум лекар 15 години, вакво нешто немам видено до сега“, напиша Лазаров во својата објава на социјалните мрежи.
Тој додаде дека вечерта ќе ја памети по силните емоции и апелираше сите граѓани да бидат повнимателни во сообраќајот.
На местото на несреќата увид извршил дежурен јавен обвинител, кој издал наредби за прибирање траги и докази, како и за изработка на сообраќајно и машинско вештачење на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други психоактивни супстанции.