Две лица во притвор поради палење на викендица во Чашка, полицијата трага по третото

Двајца од тројцата осомничени за намерно предизвикување пожар во викенд куќа во селото Капиново, општина Чашка, се веќе во притвор, а за третиот осомничен се преземаат мерки за пронаоѓање, информира Основното јавно обвинителство Велес.

Според истрагата, осомничените - двајца од Прилеп и едно лице од село Ореше - на 10 мај со возило со прилепски регистарски таблички дошле до викенд куќата, насилно влегле во објектот и намерно го запалиле со запалива течност. Во моментот на инцидентот, сопствениците не биле присутни, но куќата целосно изгорела, при што е причинета голема материјална штета. Повредени лица нема.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Велес, а истрагата ја воделе СВР Велес во координација со криминалистичките служби од БЈБ и ОВР Прилеп.

Како што соопшти МВР, двајца од осомничените, Ѓ.П. (56) од Ореше и Д.Д. (37) од Прилеп - се уапсени на 16 мај и задржани во полициска станица. Третиот осомничен, С.М. (40) од Прилеп, сè уште е во бегство.

Јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување мерка притвор за сите тројца. За двајцата приведени мерката веќе стапи на сила, а за третиот ќе се применува по неговото лоцирање и апсење.