Две лица уапсени за криумчарење производи за широка потрошувачка

На 13.01.2022 во 20.20 часот од страна на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје при Регионалниот центар за гранични работи Север биле лишени од слобода М.А.(33) и Е.А.(45), двајцата од с.Танушевци, скопско, поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“ по чл.278 од Кривичниот законик.

Имено, на локалниот пат од с.Бродец кон с.Танушевци кај м.в. Чешма кон Рамно околу 20.00 часот, при контрола на товарно возило „дајмлер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.А., била пронајдена поголема количина разновидна роба за широка потрошувачка, без соодветна документација за нејзиното потекло. При преземање на службените дејства полициските службеници биле попречувани од Е.А..

Во врска со случајот на 14.01.2022 околу 00.00 часот од полициски службеници во реонот на Визбегово било забележано товарно возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ф.А. од Скопје, брат на Е.А., кое не сопрело на даден знак за запирање, туку ја зголемило брзината и се упатило кон магацински простор.

По обезбедена наредба од Судија за претходна постапка, извршен бил преглед над возилото, при што било констатирано дека во него има поголема количина на производи без декларација.

Во координација со Јавен обвинител, лицата биле приведени во полициска станица, а возилата се обезбедени за понатамошна постапка и по комплетно документирање на материјалот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.