Две години „Мој ДДВ“, а голем број трговци и понатаму не издаваат фискални сметки

Пред две години започна проектот „Мој ДДВ“ со кој се предвидува дел од парите од данокот на додадена вредност да се враќа кај граѓаните, преку скенирање фискални сметки. 

Управата за јавни приходи (УЈП) по завршувањето на најголемиот бран на ковид-кризата спроведе огромен број на контроли кај даночните обврзници за неиздавање фискални сметки на територијата на целата држава и изрече повеќе од 400 глоби, потврди денеска директорката на УЈП Сања Лукаревска.

– Уште првата година по воведувањето на апликацијата „МојДДВ“ за граѓаните имавме огромен број на пријави за неиздавање на фискални сметки кои одеа преку анонимни пријави од страна на граѓаните во канцелариите на Управата, преку линијата 198 и на јавни социјални медиуми. Врз основа на тоа сме постапиле насекаде. Направени се огромен број на акции и на контроли, рече Лукаревска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод ,,Две години МојДДВ со граѓаните“.

Лукаревска нагласува и дека при последните контроли, биле изречени околу 400 глоби на трговци кои не издаваат фискални сметки.