Две години без Горан Стефановски: Животот ви минува додека се прашувате дали сте живи

 

 

Пред две години по кратко боледување, на 66. годишна возраст почина еден од најзначајните писатели на македонска драма, Горан Стефановски.

Зборовите и речениците од неговите драми се безвременски и одговараат на секоја ситуација, секое време, секое доба на ова општество.Ве потсетуваме на некои од нив.

Европа ма бара! И се прди на Европа за вас. Се воздивнувате за Германија, а татко ви кој изгубил нозе за да ја направи куќата е помија!

Затворен сум меѓу земјата и небото. Нема бегање. Фрли го Симон во најширокото поле, Симон пак е заробен. Не може Симон да побегне од Симон.

Отсега натаму можам да не кажам веќе ни збор, но не можам да ги немам кажано оние кои веќе сум ги кажал. 

Да ти каже тебе татко ти нешто. Не кажувај на светот што мака имаш. Не сака светот да знае. Си има светот свои маки. Ако кажуваш, кажи нешто убаво или ништо не кажувај. Што му е некому гајле што тебе ти е страв од темно. 

Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино.

Но ова некако не е мојот живот. Ова не е мојот свет. Овде само ѓезмето во кафеаните вреди. Цел свет си игра играчки со нас. Ни велат напрај ова, напрај она, мрдни лево, мрдни десно. Само им мешаме, им го правиме ќеифот. Едни ќе нè откачат, други ќе нè закачат. Границите шупливи. Те тројна формула, те двојна формула, рамковен договор, европарламенти, комисии, фрли го оружјето, старо било, било руско, отпушти ги офицерите, децата не мора да одат во војска, нека дуваат, нека дремат по меани. Имаме ли ние снага за овие шашми? Господата немале планирано Самит следниве години, ќе биде некогаш, ќе нè биде ли нас дотогаш? Не е на арно. 

Не сакам да те навредам, но мора да ти кажам. Ти си бивш човек. Ти си најдобар човек на светот, но ти си бивш човек. Тоа не е критика. Тоа е факт. До овде ми е од бивши луѓе. Бивши држави. Бивши љубовници. Бивши адреси, телефонски броеви. Бивши пасоши, лични карти, свидетелства, изводи од матично. Бившо турско, бившо каурско, прво спрско, второ бугарско, Тито-партија, стабилизација, меѓундароден монетарен фонд. Вака било, онака било. Којзнае како било? Онаму имало офицерски дом, онаму банка, сите живееле сложно и весело и се држеле за раце и играле оро и пееле песни. Што имам јас од тоа? Не сакам бивша иднина. Што ме боли мене за вашата жал за младост?

Животот ви минува додека се прашувате дали сте живи.

Животот кај нас е евтин. Луѓето се саштисани и шашардисани. Беззаконие. Сиромаштија, корупција, декаденција. Некои новопечени богаташи имаат сè, други едвај преживуваат. Некои се просјаци, проститутки и криминалци. Градот се гуши во ѓубре. Цели фамилии, сосе деца, работат за мали пари. Хаос. Навечер не се излегува на улица. Насилство, оружени пљачки, убиства. Полицајците собираат рекет заедно со рекетарите. Скопје, Готам Сити, Македонија.”

А народот убаво рекол: ако не со мило, тогаш сосила. Ако не долу на земјата, горе на небото. 

Што носи денот, не носи годината. 

Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови, со која жена да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа, како штедната книшка на брат ни да ја префрлиме на свое име ако тој ненадејно умре, таму се сите скришни прељуби, сè што сме премолчеле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мрзиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме и сета вера во она од кое јавно се откажуваме, таму се складиштата на суета и страста, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачки вилици, без мидери, таму сме грди. Меѓу тоа ѓубре и отпад во нашата глава во длабок сон лежат оковани нашата вистина и слобода, нашата невиност и човечко достоинство. Такви дна имаат и државите, и цивилизациите. Никој не ги чисти. 

Никој не е среќен. Сите мислат дека некој друг, на некое друго место е среќен и ја користи онаа среќа која тие ја заслужуваат. И сите грдо и наместено се смешкаат и тивко го влечкаат својот очај зад себе.И никој не може да ги засака оние кои се вљубени во него, ниту да ги придобие оние кои го мразат.