Две француски филмски вечери под ѕвездено небо во „Лабораториум“ како дел од „Скопје вибрира“

Љубителите на францускиот филм ќе имаат можност да уживаат во две бесплатни проекции под отворено небо, кои Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ ги организира на 31 јули и 1 август во рамките на летната фестивалска програма „Скопје вибрира“.

Филмскиот циклус започнува вечерва, 31 јули, во 21 часот, со проекција на „En Corps“ („Повторно раѓање“), филм на режисерот Седрик Клапиш. Станува збор за инспиративна приказна за млада балерина која, по тешка повреда што ја прекинува нејзината кариера, открива нов почеток и нова животна насока преку современиот танц.

Следната вечер, на 1 август, исто така од 21 часот, на програмата е „Le Roman de Jim“ („Романот за Џим“) во режија на Арно и Жан-Мари Ларије. Филмот носи емотивна приказна за љубовта, родителството и семејните врски, истражувајќи како семејството не секогаш го одредува крвното сродство, туку изборите што ги правиме.

Влезот за двете филмски вечери е бесплатен, а организаторите препорачуваат посетителите да пристигнат порано поради ограничениот број места.

Проекциите се реализираат со поддршка на Францускиот институт во Скопје и се дел од фестивалот „Скопје вибрира“, кој во текот на јули и август нуди богата мултимедијална програма со концерти, филмски проекции, изложби и други културни содржини. Целта на фестивалот е да го збогати летниот културен живот во главниот град, да им даде простор на младите автори и уметници и да ѝ понуди на публиката нови и поинакви културни доживувања.