Две домашни и претстава од Унгарија денеска на МОТ

Независната театарска група „Артопија“ во рамки на 43. Млад отворен театар, вечер од 22 часот во кино „Фросина“ премиерно ќе ја изведе претставата „Д шииит“ (The Shee(i)t“ во режија на Ирем Ајдим.

Во претставата играат: Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски. Во перформансот базиран на концептот на „граници“ тие ја конструираат и ја деконструираат поделбата на време и место и нивните сценски идентитети, преку постојана трансформација на нивните тела меѓу субјект и објект, каде што линијата меѓу лични и универзални граници станува сè подвосмислена. 

Покрај премиерата на „Артопија“, уште една македонска претстава на денешната програма на МОТ - од 18 часот на малата сцена во Македонската филхармонија е современиот танцов перформанс „Чудна шума“ на кореографката Искра Шукарова.

Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите од Факултетот за музичка уметност и соработката со кореографката Урсула Еагли од Њујорк, која во април оваа година работеше со студентите и настапи заедно со нив во овој проект.

- Идејата на „Чудна шума“ е да ја воспостави нишката на структурираното општествено живеење пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци, наведува МКЦ. 

Во Дансинг салата на МКЦ од 20 часот на МОТ ќе гостува унгарската „Форте компани“ со претставата „Бележник“ од  Агота Кристов во режија на Чаба Хорват.

Разурнувачката војна во Европа наведува една мајка да ги остави своите деца кај баба им, која наликува на вештерка од народните приказни. Осамените, гладни и премрзнати деца учат како да се снајдат сами и пишуваат дневник во еден бележник. 

Во склоп на придружната програма по претставите ќе следува диџејски настап на Чудо.