Двајца тетовци завршиле во болница, по напад со остар предмет од двајца нивни сограѓани - едниот од нив е тешко повреден

Двајца жители на тетовското село Палатица ноќеска биле лишени од слобода поради сомнение дека со остар предмет нападнале две лица во Тетово, при што едно од нив се здобило со тешки телесни повреди.

Како што информираат од МВР, на ноќеска во 00:45 часот, полициски службеници од Полициското одделение Групчин ги привеле В.И. (22) и А.Ш. (21), постапувајќи по претходна пријава за напад на улицата „ЈНА“ во Тетово.

Во нападот биле повредени А.А. (24) и Б.А. (21), двајцата од селото Непроштено, при што во Клиничката болница во Тетово, кај Б.А. биле констатирани тешки телесни повреди, додека А.А. се здобил со телесни повреди.

Осомничените биле задржани во полициска станица, а по целосното расчистување и документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.