Двајца тајвански државјани пронајдени мртви во стан во Црниче, претходно биле пријавени за исчезнати

Двајца државјани на Тајван, 50-годишна жена и 37-годишен маж, биле пронајдени мртви во стан во скопската населба Црниче, пренесува Плусинфо, повикувајќи се и на потврда од Министерството за внатрешни работи.

Случајот бил пријавен денеска околу 13:50 часот во СВР Скопје, откако Н.М. ги пронашла без знаци на живот својата мајка Ч.Т.Ј. (50) и сопругот на нејзината мајка Ш.Л.Ф. (37).

Двајцата биле пријавени за исчезнати само неколку часа претходно. Пријавата била поднесена во полиција во 00:49 часот на 2 септември, по што биле преземени мерки за нивно пронаоѓање.

На местото излегле полициски екипи, а лекар од Институтот за судска медицина констатирал смрт кај двете лица.

Според првичните информации од МВР, при надворешниот преглед на телата не биле забележани видливи траги на насилство.

Телата се предадени на обдукција, која треба да ги утврди точните причини за смртта.

Како што пренесува Плусинфо, во текот на попладневните часови околу зградата имало зголемено полициско присуство, а соседите забележале и изнесување на телата од објектот.

Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот. Засега нема официјални информации за причината поради која починале двајцата.