
Две лица се повредени, од кои едно потешко, во тешката сообраќајна несреќа што денеска се случи на патниот правец Стража – Кичево, кај месноста Сеферов Бунар, дознава Скопје Инфо од извори во СВР Охрид.
Според првичните информации, во несреќата учествувале четири возила, од кои три биле со странски регистарски таблички – српски, унгарски и албански.
На местото на настанот интервенирале екипи на Итната медицинска помош и полицијата, а поради незгодата сообраќајот беше во прекин и се пренасочуваше по споредните сообраќајници.
Надлежните институции вршат увид и работат на утврдување на причините за несреќата. Според неофицијални информации, можно е едно од возилата да преминало на спротивната коловозна лента, по што дошло до судир, но овие информации засега не се официјално потврдени.
Повеќе детали за околностите под кои се случила сообраќајката се очекуваат по завршување на увидот.