
Во изминатото деноноќие полицијата лишила од слобода 11 возачи низ државата поради безобѕирно управување возило. Меѓу нив има лица кои возеле без положен возачки испит, под дејство на алкохол, со активна забрана за управување, како и возач кој ја надминал дозволената брзина.
Од приведените, петмина управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за 23-годишната А.Џ., Е.З. (26), Б.Д. (51) и 16-годишник од Скопје, како и 14-годишник од селото Добрино, скопско.
Двајца возачи биле под дејство на алкохол. М.С. (42) од селото Уларци, Општина Чешиново – Облешево, и Д.Е. (64) од Неготино, кој предизвикал и сообраќајна незгода со материјална штета.
Тројца возачи биле затекнати зад волан и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Тоа се А.С. (36) од Битола, Р.Р. (26) од кичевско и М.Д. (21) од Кавадарци, кој истовремено бил и под дејство на алкохол.
„Додека пак, М.Н. (34) од Црна Гора управувал патничко возило со брзина поголема од дозволената“, информираат од МВР.
Од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, со активна забрана за управување или под дејство на алкохол.