
Двајца македонски полициски функционери работат во седиштето на Интерпол, а еден од нив ја предводи глобалната програма за бегалци, барани и исчезнати лица, откри генералниот секретар на организацијата, Валдеси Уркиза.
Во интервју за Сител, Уркиза истакна дека Македонија е активен и значаен партнер на Интерпол, а македонската полиција учествува во меѓународни операции против трговија со дрога, луѓе и оружје. Тој потсети дека од минатата година и Полициската академија е дел од глобалната мрежа на Интерпол, овозможувајќи размена на знаења и обуки со полициски служби од други држави.
Според Уркиза, развојот на вештачката интелигенција и дигиталните плаќања го направиле криминалот сè повеќе транснационален, поради што меѓународната полициска соработка е поважна од кога било. Истовремено, нагласи дека и полициските служби сè повеќе користат алатки базирани на вештачка интелигенција за обработка на големи количини податоци и поефикасно откривање и спречување на криминал.
Тој додаде дека базата на Интерпол содржи повеќе од 150 милиони криминални досиеја, кои минатата година биле проверени над девет милијарди пати, овозможувајќи брза размена на информации меѓу земјите-членки.