Двајца домашни пациенти се првите на кои вo понеделник ќе им се вади тумор од белите дробови без операција

Двајца домашни пациенти се првите на кои в понеделник лекарскиот тим на Клиниката за пулмологија ќе им направи интервентна бронхоскопија, односно вадење тумор од белите дробови без операција, пренесува Независен.

Тоа е нов метод кој првпат ќе се примени во Македонија, по што оваа клиника би требало да стане референтен центар и за пациенти од Косово, Албанија и од јужна Србија.

Д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија, вели дека зафатот ќе го направат докторите од Клиниката, односно целосно домашен тим.

- Интервентната бронхоскопија е постапка што ќе се прави само на нашата клиника. Во регионот се работи во Софија, во Атина и во Белград. Почнуваме со двајца пациенти в понеделник. Најавен е и трет, но прво треба да ги разгледаме документите зашто сакаме методот да се прави кај пациенти за кои навистина има индикација дека им е потребен. Имаше и други двајца пациенти, но едниот реши да се оперира класично, а за другиот со колегите се согласивме дека е ризичен случај. Ќе почнеме да ја правиме интервентната бронхоскопија, па собраното искуство ќе го презентираме пред колегите во околните земји, за и на тамошните пациенти да им дадеме информација дека овој метод се прави и на Клиниката за пулмологија во Македонија - изјави Докиќ.

Експерти од Германија од компанијата ЕРБЕ, која развива инструменти и апарати за електромедицина, минатиот месец ги обучуваа докторите да работат со апаратите, кои ѝ се отстапени на Клиниката за пулмологија за период од шест месеци. Потоа веројатно Клиниката ќе набавува свои апарати. Пет доктори веќе беа на обуки и во САД, Германија и во Словенија.

Отстранувањето на туморот од белодробното стебло се прави со техника на замрзнување, односно заболеното ткиво се замрзнува и се вади. Интервенцијата се состои во тоа што со бронхоскоп преку уста се влегува во белите дробови. Со криосонда се замрзнува делот што треба да се извади. Замрзнатото парче се лепи за бронхоскопот и се извлекува надвор. Со овој нехируршки метод, доколку нема други компликации, пациентот може да си оди дома уште истиот ден.

Методот се користи за малигни и бенингни тумори, во случај кога во белите дробови преку вдишување се внесени цврсти предмети (најчесто кај деца). Предноста е во тоа што се избегнува можноста пациент да почине поради задушување или, пак, да му се отвора градниот кош со операција.