Дваесетина наставници од Општина Ѓорче Петров ја поминаа обуката по шах за ученици

Дваесетина наставници од основните училишта во Општина Ѓорче Петров ја поминаа обуката по шах за ученици од прво и второ одделение којашто се одржа во просториите на училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје.

Од наредната учебна година учениците од прво и второ одделение ќе имаат можност да изучуваат шах во одделенската настава преку кој ќе го подобрат мисловниот развој и ќе можат подобро да резонираат при решавање на одредени проблеми и критичкото размислување.

- Шахот е забавна игра и одличен начин да им се помогне на децата да ги развијат своите вештини. Со оваа иновативна иницијатива, создаваме посветла иднина за нашите деца и даваме пример за другите општини. Да се погрижиме нашите деца да имаат можност да го искористат својот целосен потенцијал, напиша градоначалникот Александар Стојкоски на Фејсбук.