Два нови бунари за чиста и питка вода на жителите за Раштак

Оние што се приклучени на селскиот водовод се жалат дека од чешмите во домовите понекогаш тече матна, каллива вода која ја употребуваат само како техничка вода – за перење или за измивање.

Се плашат да ја користат за пиење или за готвење поради што купуваат флаширана вода од селската продавница или пак, полнат вода од бунарите на соседите.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски деновиве се сретнал со жителите на Раштак на која се разговарало за системско решавање на водоводната мрежа.

– Во изминатиот период паралелно работевме и на примарната водоводната линија во долната зона, ставање во функција на филтер станицата, поставување на водомери по домаќинствата и водоводна мрежа на локални краци во должина од 2,8 километри – вели Георгиевски.  

Утре завршува постапката за изведба на нови бушотини за два нови бунари, како и продолжување со поставувањето на водоводната линија и водомери на преостанатите сервисни краци од страна на ЈКП Гази Баба, објави Вечер..

– Сите жители во Раштак треба да добијат чиста и питка вода за пиење, со запазување на сите стандарди за безбедност и квалитет на водата, како и водомери за контрола на потрошувачката од домаќинствата. Тоа е наша цел на која овие години работиме, а обврска на жителите е да поднесат барање за приклучок на мрежата до ЈКП Гази Баба – нагласува Георгиевски.