Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција во Министерството за економија и труд ги презентира резултатите од есенската потрпошувачка кошница.
„Есенската кошница како мерка што ја донесовме на крајот на септември веќе заврши, заклучно со вчерашниот ден. Мерката беше спроведена успешно и според анализите на Министерството за економија ги даде очекуваните резултати. Оваа мерка ја донесовме со цел да ги заштитиме граѓаните во време кога има зголемување на цените на основните прехранбени производи, пред сè, за време на празниците, односно да се стабилизираат цените и да не дојде до нивно нагло зголемување.
Тоа и се случи, со мерката успеавме да не дозволиме нагло зголемување на цените на основните прехранбени производи, туку нивно стабилизирање и намалување во одредени сегменти. Нашите анализи, кои ги споделивме, покажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 %, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало или воопшто и го нема (како на пр., лебот, маслото за јадење и млекото), а кај други производи тоа е значително поголемо (на пр., месото, зеленчукот и млечните производи (сирење и кашкавал)“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
„Секако дека за оваа мерк,а како што и самите знаете, имавме забелешки во најголем дел од трговците и од некои од дистрибутерите, но таа сепак ги даде резултатите што ги очекувавме бидејќи заштитата на животниот стандард е наш приоритет. Нашите податоци кажуваат дека искажано во заштеда во пари за едно четиричлено семејство на месечно ниво заштедата од ограничените маржи и намалените цени на некои од производите изнесува од 690 ден до 1.360 ден од семејство, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети вп кои набавува. Тоа го потврдуваат и податоците на синдикатите од нивната синдикална кошница, каде што во октомври во делот на храна и пијалаци е намалена за 935 денари.
Тоа укажува дека мерките на Владата, кои се во моментот во сила, дале резултати и цената на храната за еден месец е намалена.
Вкупното намалување на октомвриската синдикална кошница е 57 денари, но тука вклучува и кирија.
Во наредниот период, како што најавивме, ќе има божиќна кошница, рамазанска, велигденска. Овие кошници ќе се разликуваат по составот на производи, во зависност од тоа што најмногу се троши во тој период и во дијалог и со производителите и со трговците оваа мерка ќе ја креираме да биде во интерес на сите и да биде лесно применлива. Каков модел ќе избереме, ќе зависи од предлозите што ќе ги добиеме, а секако треба да земеме предвид дека во маркетите за време на празниците има попусти и акции на одредени производи, па ќе видиме како тие ќе може да се вклучат во наредните кошници.
Она што е важно да кажам дека оваа мерка, односно кошничка, нема да трае повеќе од еден месец. Односно предвидени се со пократок рок на траење од 15 до максимум 30 дена. Очекувам дека од почетокот на ноември ќе има дополнително намалување на цените бидејќи, како што знаете, пред еден месец почна примената на Законот за нефер трговските практики и очекуваме со новите резерви на производи во маркетите да има и нови пониски цени.
Од денеска мерката за замрзнати маржи не е во сила, очекувам дека нема да има зголемување на цените од страна на трговците. Доколку се случи тоа, односно доколку дојде до дивеење на цените без никаква основа, тогаш Министерството за економија и труд ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање и ќе преземеме поригорозни одлуки сè со цел да се заштити стандардот на граѓаните“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.