Дурмиши: Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки

Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека есенската кошничка има ефект, цените според него на производите се намалени за пет до десет отсто. Тој посочи дека мерката истекува на крајот од овој месец, а ако има драстично покачување на цените, како што нагласи Дурмиши, ќе се преземат поригорозни мерки.

„Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки“, најави министерот.

Според него, со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но имало и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти,…

„Одлуката на Владата дава резултат и тоа се чувствува врз џебот на граѓаните“, истакна Дурмиши.

Напомена и дека есенската кошничка заедно со училишната резултира со намалување на трошоците на едно семејство за 3 000 денари.