Дури 80 отсто од младите во иднина не се гледаат во Македонија, покажала анкета во Кавадарци

Осумдесет отсто од младите во иднина не се гледаат во државава, а 70 проценти од учениците сакаат да бидат сопственици на свои бизниси, покажала анкета во Кавадарци. Ваквите сознанија ги открива во изјава за МИА, Марија Камчева, амбасадорка за млади и женско претприемништво на Вардарски регион. 

- Како дел од тимот на Платформата за женско претприемништво, како главен социјален партнер за креирање политики и реформски процеси, заеднички работиме на стимулирање на младите својата иднина да ја планираат овде, во нашата држава. Националната  платформа за женско претприемништво е платформа за вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни од женското претприемништво на национално и локално ниво. Мојата задача вклучува активности во рамките на Вардарски регион, каде работиме на стимулирање на младите и жените преку мотивациски говори, интервјуа, едукативни работилници  во образовните институции и охрабрување на младите да ги активираат своите претприемачки, лидерски капацитети и вештини, да започнат претприемачка кариера, рече Камчева. 

Таа нагласи дека примарната цел на претриемачкото образование не е едноставно да ги наведе сите граѓани да отворат свој бизнис, туку да им даде на младите луѓе способност да размисуваат позитивно, да бараат можност за реализирање на идеите и да го искористат својот талент.

- Она што ме радува е дека во период на интензивна глобализација и дигитализација, младите  сè  повеќе отстапуваат од традиционалните кариерни можности и присутен е зголемен интерес кај младите за отпочнување на сопствен бизнис. Претприемачкиот потенцијал кај младите во насока на идеја, иновативност и желба, без обзир на степенот на образование, е голем и може да претставува избор на просперитет. Нашата визија е позитивно да влијаеме кај младите, да ги мотивираме активно да се вклучат во градењето на својата иднина и во иднината на целото општество, додаде Камчева. 

Целта на нашата мисија, нагласи, е, да ги стимулираме младите луѓе својата иднина да ја планираат овде.

- Бидејќи нашата држава може да биде прекрасно место за живеење, доколку се искористи потенцијалот на младите и го ставиме во употреба за креирање подобра средина за живееење, наместо да ја напуштаме државата. Свесни сме дека младите се идните лидери, едукатори, иноватори, работодавачи и граѓани на ЕУ. Иднината е во рацете на младите и треба да работиме на потенцијалот за промена и подобрување на економијата во земјата, рече амбасадорката за млади. 

Како најголем предизвик и пречка со која се соочувале младите во остварувањето на своите соништа, биле финансиите. 

- Токму ова е уште една од работите кои ги презентираме на едукативните работилници во училиштата, каков е пристапот до финансии за отворање на сопствен бизнис, односно кои се активни мерки преку кои се дава поддршка за самовработување (претприемништво), појасни Камчева. 

Таа потсети дека националната платформа за женско претприемништво претставува мрежа од граѓански организации, деловна  заедница, национална и локална власт кои имаат за цел економско зајакнување на младите и жените.

- Фокусот е насочен кон зголемување на еднаквост и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст. Националната платформа е иницирана и предводена од Здружението на бизнис жени во соработка со Сојуз на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување, додаде Камчева.