Дуото „Алиада“ со „Нови бои на минатото“ на „Охридско лето“

Целовечерен рецитал на дуото „Алиада“ од Австрија ќе се одржи вечерва од 20.30 во црквата „Света Софија“, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Тоа е мошне атрактивен состав од двајца, како што ги нарекуваат, „неверојатно талентирани и креативни музичари“, саксофонистот Михал Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ.

Концертот, насловен како „Нови бои на минатото“, што е името на нивниот прв албум, ќе донесе дела од Хендл. Григ, Пендерецки, де Фала, Барток и Пиацола. Сите се аранжирани за саксофон и хармоника од дуото, кое е формирано во 2013 година и веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот.

Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други.

Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада. Настапите на дуото редовно се емитуваат на австриските радио и телевизиски станици.