Сè уште нема официјален став од скопската Зоолошка градина за случајот со угинатите три коња кои се од ретка и скапа раса.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи расте револтот од овој нелим настан и се бараат виновниците.
Правничката и активистка за заштита на животните Јана Дуковска вината ја лоцира во неодговорноста на надлежните во Зоолошката во Скопје. Вели дека Зоолошки градини воопшто не треба да постојат, не на овој степен на развој на човековата цивилизациска свест.
- Никаде во светот, а во Скопје со ваква неодговорност, неспособност и затупеност без никакви основни услови, никако не треба да има. Затворете ја зоолошката и вратете ги животните во нивната природна средина, во природни резервати каде што имаат услови за нормален живот. Овие три коњи се монголски, што значи дека природата ги создала да живеат во Монголија, а не во Дебар маало, вели таа во својата објава.
Упати и апел до родителите:
- Апел и до родителите, ако малку имате свест и совест, не ги носете вашите деца да ги гледаат животните како се измачуваат заробени зад решетки. Со тоа на децата им испраќате порака дека е нормало одземањето нечија слобода и доминација на посилниот врз послабиот. Кафезот не е алтернатива за никого, учете ги децата дека на животните местото им е во природа, а не зад решетки. Живот во затвор не е живот туку мачење и нема ништо забавно во тоа да гледаш заробено, тажно и несреќно живо суштество. И најбизарна лага е дека ЗОО градините ги заштитуваат загрозаните видови, затоа што тие никогаш не се враќаат во природа. Се бориме да ја зачуваме планетата, а тука спаѓаат и животните кои имаат апсолутно еднакво право на живот како и ние луѓето, појаснува Дуковска.
- Затворете ја зоолошката и конечно ставете крај на оваа доминација на човековата глупост. Нека биде едукативен центар за дечиња или детски музеј во склоп на природно-научниот, со слики од животните, едукативни програми за запознавање и заштита на животните, детски работилници со еко содржини, проекции на филмови за животни, со цел дечињата од мали да формираат хуман став и однос кон животните и природата воопшто. Со тоа ќе им помогнете на децата да создадат емпатија кон сите живи суштества, вклучувајќи ги и луѓето, им помагате да го развивијат инстинктот за нежност и сочувствителност, а да ја потиснат суровоста и агресијата која за жал е енормно многу присутна меѓу децата, децидна е Дуковска.