Познатата блогерка Маја Дукова со објава на социјалните мрежи која стана вирална. Го сподели својот став за „грандиозините“ детски роденденски забави и праша едноставно, но моќно прашање „Што им се пренесува на децата со овие родендени? Дали вредностите што ги добиваат се за поврзаност, внимание и радост, или само за споредување и докажување?“.
Многумина родители се согласија со нејзината констатација, дека детските родендени станаа некој вик на „трка за престиж и признание“, но стрес и трошок за родителите.
Во целост ви ја пренесуваме објавата на Дукова:
- Во последно време, додека скролам по социјалните мрежи, имам чувство дека детските родендени излегоа од контрола.
Аниматори, огномети, тематски декорации со најновите цртани, торти соодветни на декорацијата... и сето тоа за дете од 3, 4, 5 години. Цената? Од 500 евра па нагоре.
И си велам – дали ова е навистина за децата или за возрасните?
Не зборувам од позиција на родител, затоа што не сум во таа улога, туку како набљудувач – и мислам дека повеќе личи на натпревар, отколку на роденден. И притоа, ни најмалку не изгледа забавно за родителите. Стрес, организација, очекувања, слики за Instagram. И на крајот, детето не се сеќава на речиси ништо затоа што не може ни да сфати каде се наоѓа.
И почнав да истражувам како е на други места – на пример, во Данска. Таму традициите се сосема поинакви.
Во Данска, кога некое дете слави роденден, обичај е да ги покани сите другарчиња од одделението – сите момчиња, сите девојчиња или целото одделение. Зошто? За секое дете да се чувствува прифатено и никој да не остане изоставен. Роденденот се слави со колачиња, понекогаш и традиционалниот “brunsviger” – торта од тесто со шеќер и путер. Нема скапи украси, нема специјални подароци – туку внимание, дружење и атмосфера.
Славеникот носи нешто слатко во училиште – заедно пеат песнички, седнуваат, јадат и си играат. Некои деца слават дома со активност како балон-танц, потрага по богатство, или едноставно – играње во двор. И никој не се чувствува помалку вреден ако роденденот не бил „инстаграмерски“.
Знаеш што ми остави најсилен впечаток? Нивната идеја дека училиштето е „селото“ што го одгледува детето. Групата е таа што му помага да се развие, да се чувствува прифатено, сакано. И баш затоа – сите се поканети. Без конкуренција, без рангирање кој имал „подобар“ роденден.
А кај нас? Исто дете може да биде покането на 10 родендени, и само еден да биде „послаб“ – и тоа дете да биде коментирано. Родителите да се чувствуваат непријатно. Децата да научат дека љубовта се покажува преку спектакл, а не преку внимание и присуство.
И да ја оставиме на страна темата со парите – што е со количината на отпад, пластика, хемија? Колку играчки и кутии за еднократна употреба фрламе за неколку саати "забава"?
И уште нешто – подароците. Порано се носеше тетратка, споменар, нешто мало но избрано од срце. Денес, има и очекување подарокот да биде "вреден", а тоа создава дополнителен притисок кај другите родители.
Можеби е време да се запрашаме – што им се пренесува на децата со овие родендени? Дали вредностите што ги добиваат се за поврзаност, внимание и радост, или само за споредување и докажување?
Можеби нема едноставен одговор. Само размислував…