ДУИ најави реформи во партијата, ќе си направат сами на себе ветинг

Преку соопштение до јавноста Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес најави отпочнување на сеопфатен процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата. Како што посочуваат од партијата ова ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи нов стандард за политичките партии во регионот.

„Како дел од реформската стратегија, ДУИ спроведува конкретни механизми насочени кон зајакнување на транспарентноста и одговорноста во своите редови. Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со Резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа. ДУИ покрај пратениците, решително продолжува со проширување овој процес на ветинг таргетирајќи ги сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството на ДУИ и раководството на локалните партиски ограноци. Со стратешкиот акциски план ДУИ има за цел не само да го зајакне ставот на партијата против корупцијата, туку и да ја поттикне културата на интегритет во политичките процеси“, велат од ДУИ.

Од ДУИ посочуваат дека ова претставува преседан за другите политички партии и ја потврдува нивнаа посветеност за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти.