Духови, вампири, самовили - проколнати куќи во Македонија

Духови, вампири, самовили... Урбани легенди, во кои без оглед дали верувате или не, ќе ве заинтригираат да ги слушнете, ќе ве подисплашат, ќе направат да ви лазат морници. Речиси секое населено место во земјава има свои приказни, кои најчесто се врзуваат со напуштени куќи во несекојдневен изглед. Места каде што се собираат зависници од дрога или алкохол, бескуќници, средношколци, деца од маало, кои и најмногу ги „дофарбуваат приказните“. Генерациите само ги прераскажуваат.

. Најпозната легенда во Скопје е врзана за „зелениот дворец“ во населбата Пржино. Истиот е срушен и на негово место е направена зграда. 

Изградена во баротско-готски стил, секогаш им паѓаше в очи на сите што минуваат по улицата „Востаничка“. Уште на прв поглед ќе се соживеете со сите хорор-филмови што сте ги гледале во детството. Погледот ќе ви запре на прекрасната купола, која вака запуштена, е страв и трепет за минувачите. Дворот беше обраснат со трева, небаре никогаш не минала косилка. Во големиот број празни шишиња ќе се забележеше и лименки од „скопско“, какви што пиварницата не произведува со години. Вратите од куќата секогаш беа подотворени. Прозорци практично и немаше. Сите беа искршени, само некаде имаше решетки. На подовите лежеа дотраените штици. Електричната изолација беше гола, но струја и онака немаше. Ѕидовите беа ишарани со графити, пароли и чкртаници. Скалите не оддаваа впечаток на сигурност.

„Не знаеме од каде почна да кружи приказната дека тука имало духови“, зборуваат соседите. Како што велат, тие не веруваат во приказните, но, сепак, признаваат дека не им е пријатно да влезат во куќата.

За „зелениот дворец“ има милион приказни. Една од легендите е дека таму живеел гроф, поради што е изградена во таков стил. Други, пак, велат дека куќата е стара не повеќе од стотина години, дека ја изградил некој гостиварец, кому сопругата му починала многу млада. Тој живеел 80-ина години, а ја издавал на студенти од секаде низ светот, најмногу на Арапи. По неговата смрт, се менувале неколку сопственици.

За куќата се вели дека е проклетство да влезеш во неа, бидејќи по седум дена, смртта ќе дојде по тебе. Друга легенда е дека во дворот влегол коњ и оттогаш исчезнал. Наводно, пропаднал в земја.

„Еднаш во куќата се собраа еден куп млади луѓе. Пиеја алкохол, се дрогираа, беа многу гласни, па доцна во ноќта еден од соседите им дојде да им каже да си заминат или ќе викне полиција. Кога го видоа, се преплашија, почнаа да бегаат и да викаат ‘дух, дух‘“, низ смеа раскажуваат станарите на „Востаничка“. Според нив, приказните за духови во куќата се глупости, бидејќи, како што велат, во неа редовно се одржуваа часови по ликовна уметност и се снимаа музички спотови.

На списокот на „проколнати куќи“ во Македонија долго време беше и таканаречената „вампирска куќа“ во Штип. Куќата се наоѓа речиси во самиот центар на градот, веднаш до библиотеката „Гоце Делчев“. Станува збор за убава куќа градена во текот на седумдесеттите години од минатиот век, има приземје и два ката.

Сопственикот некое време живеел во неа без никакви проблеми. Подоцна пуштил кираџии, кои многу бргу ја напуштиле куќата. Во еден период во приземјето била сместена колонијална продавница, но и таа набргу била затворена. За цело време, низ градот се раскажуваа приказни дека во куќата навечер се слушаат гласови, инвентарот се крши сам од себе, пукаат стаклата, голи луѓе шетаат низ неа. Таквите приказни го плашеа народот.

По долги години, сопственикот успеа да ја продаде куќата. Купувач беше турски бизнисмен, кој ја намени за отворање радио за турската заедница. Но, по само една година работа, ова радио замолкна. Зградата беше продадена на бизнисмен од Австрија со штипско потекло.

„Радиото не го затворивме поради некакви вампири или ѓаволи, туку поради фактот што за него не успеавме да добиеме регионална концесија. Сепак, легендата за вампирите ни донесе финансиски бенефит, бидејќи ни овозможи да ја намалиме бараната цена за десетина илјади евра“, вели Енвер Усеинов, потпретседател на Демократската партија на Турците, кој беше и директор на радиото. Тој вели дека цела година во радиото работеле новинари и техничари по 24 часа на ден, но не се случувало ништо необично.

Моментално куќата одново се реновира. Според нашите информации, новиот сопственик ќе правел интернат од неа, во кој ќе биле сместени студенти од Турција.

„И новиот сопственик направи добар пазар кога ја купи оваа куќа. Нејзината местоположба, фактот дека излегува на прометна улица и има убав двор, како и тоа дека од неа се овозможува убав поглед на центарот на Штип и на средновековната тврдина Исар, куќата ја прави мошне атрактивна за секаква потреба“, потенцира Усеинов.

Духови, толосоми, самовили, вампири, ѓаволи и други адски суштества шетаат низ Битола. Дел од објектите за кои се верува дека има духови се на Широк сокак во строгиот центар на Битола. „Проколнатите“ куќи ги дели само еден ѕид од најатрактивните битолски кафулиња. Во нив „играта пука“ секоја вечер и никој не се сомнева дека само на чекор до нив надземни суштества имаат свој сопствен пир. Една од оние „проколнати“ е и двокатната зграда, која се наоѓа веднаш спроти градската кафеана на хотелот „Епинал“. Или поточно, објектот што граничи со архитектонска убавица за која битолчани редат романтични приказни дека во неа живеела убавата битолчанка Елени Каринте - големата љубов на питомецот Кемал Ататурк, творецот на модерна Турција.

Во спорната зграда никој не останал повеќе од неколку дена, барем вака раскажуваат жители на Широк сокак. Крцкање, необични звуци, тропање и којзнае какви не страшни нешта се случувале таму. Други, пак, не веруваат во духови и во ваквите озборувања. Тие велат дека станот е во сопственост на една богата битолска фамилија, која поради големиот имот, не стасала и овој стан да го реновира и да го користи. Но, сепак, останува прашањето зошто еден од поатрактивните објекти на Широк сокак би зјаел празен со децении. Во изминатите години се реконструираа фасадите на сите објекти на Широк сокак, единствено оваа фасада е без лик. На неа се забележуваат обиди за реновирање и доградување, но се' уште стои малтерот.

Приказните на битолчани дека во зградата живеат вампири и самовили не ги остава рамнодушни ниту помладите. Мајка на седмоодделенка вели дека соучесниците на нејзината ќерка, понесени од фантазијата, веќе подолго време се подготвувале да влезат во зградата за да се соочат со духовите.

„Веќе неколку пати ја одвраќам ќерка ми од намерата со своите соученици да влезе во зградата. Ја уверувам дека таму нема никакви духови, дека тоа се само приказни, но деца како деца. Од она што го гледаат на телевизија, си снимаат самите филмови“, вели родителот.

Битолчанец, кој се занимава со егзорцизам и кој ја усовршувал својата специјалност низ белиот свет цели три децении, вели дека такви проколнати куќи има уште неколку, и тоа во строгиот центар на Битола. Една од куќите се наоѓа кај познатата „Аргирица“, втората е наспроти една од црквите во градот. Во некои од нив бил повикан да ги избрка духовите. Тврди дека успеал и оти сопствениците сега мирно спијат. Прашан зошто тие натприродни сили се вселиле во куќите, тој вели дека причините се разни. Но, најчесто станува збор за ужаси, кои некогаш таму се случиле или за неприродна емотивна врска меѓу почината личност и некој нејзин близок човек. Па живиот никако не го остава духот на мртвиот да си замине. Во една таква куќа, вели тој, се случиле колежи за време на Илинден.

Битолчани веруваат дека еден од проколнатите објекти сега е наменет за хотел. Наводно, пред 60 години во подрумите на објектот биле мачени сите оние што мислеле спротивно на тогашниот систем. Вистина или лага од страв, суеверие или, пак, некои други причини, сепак, најголем дел од овие куќи и објекти во градот и натаму се празни. Оставени на забот на времето, иако површината на објектите и локацијата каде што се наоѓаат се исклучително атрактивни. (Г.А.-И.Б.-А.Б.)

Невестата од Волково, кулите од Лисиче

Во големиот број приказни што кружат низ Скопје, се идзвојуваат уште неколку. Во населбата Лисиче имало три кули од каде што во минатото голем број граѓани се самоубиле, скокајќи од покривот. Поради тоа, пред неколку години, во средина на трите кули било изградено мало црквиче, по што самоубиствата престанале.

Невестата од Волково ги наежува сите што ќе ја слушнат легендата. Имено, во близина на железничката пруга во селото се правела свадба. Невестата го водела орото накај пругата и тука ја прегазил воз. Митот вели дека младата жена секоја вечер се појавувала на пругите и го хипнотизирала секој што случајно ќе наминел. Потоа го влечела до средината на пругите за да го прегази воз.

Напуштена куќа во Радишани е предмет на мистика откако произлегоа гласишта дека оттаму се слушал детски плач, страшни звуци, а секој што ќе влезел во дворот - се соочувал со црна топка од дим.

Во Кисела Вода биле забележани самовили. Во близина на црквичето, во дворовите од куќите секоја вечер на гости доаѓале трите самовили, кои им ги чешлале косите на домаќинките. За самовилите се зборува дека се појавувале само каде што имало дрво и вода, но тие наводно, биле лоши и секогаш доаѓале поради одмазда.