“Дух” е нова претстава на МНТ – премиера во април

“Дух” е наслов на новата премиера на Македонскиот народен театар, која публиката ќе има можност да ја гледа на големата сцена кон средината на април.

Од МНТ велат дека се во тек интензивните подготовки за оваа претстава, која се работи според последниот текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

По соработката на претставите “Дракула” (2008) и “Силјан штркот шанца” (2016), ова е уште една соработка на веќе докажаниот тандем Дуковски – Јаниќијевиќ, посочуваат од МНТ.

Драмата зборува за трагедијата на едно современо семејство, кое ја губи куќата поради долгови, и притоа немаат начин како да го исплатат долгот кон доверителите, на кои куќата им ја ставиле под залог. Низ темата е истакнат бунтот на главниот лик кон социјалната и морална навреда во современото општество.

Во претставата играат: Гораст Цветковски, Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ,Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.

Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимограф е Лидија Георгиевска, извршен продуцент е Виктор Рубен, а инспициент е Никола Кимовски.

Овој текст праизведбата ја имаше надвор од Македонија во 2015 година во Српско народно позориште, Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а во септември 2016 година и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ, истакнуваат од МНТ.