Легендарниот австралиски drum’n’bass феномен Pendulum кој стои зад химните на овој жанр, како „Tarantula“ и „Blood sugar “, и многу други, пристигнува во Скопје! Pendulum на 8. декември во арена „Борис Трајковски“, ќе настапат со својот фуриозен диџеј-сет за конечно да и покажат и на македонската публика зошто во овој формат тие важат за неприкосновеното дуо во светот на drum’n’bass културата! 

Електронските воини Pendulum го освоија светот проширувајќи ги границите на музичките жанрови, од драм’ен’бејс преку моќен хаус до електро-рок! Членовите на бендот кој е оформен во 2002 година, во 2013-та го најавија повлекувањето на Pendulum од live настапите, за да се посветат на новите проекти меѓу кои е и познатиот Knife Party, но константните барања за повторно активирање од страна на армијата фанови низ цел свет, резултираа со come-back турнејата во 2016-та и новиот албум чие снимање го најавија лани! На Таксират тие доаѓаат во фуриозниот DJ формат, нивното идеално издание за најенергичните фестивалски журки, бидејќи единствено така може да се доживее вистинската енергија со која тие веќе со години владеат на најголемите светски фестивали, а која најчесто се споредува со атмосферата на експлозивните настапи на The Prodigy. Оттаму, не е ни чудо што токму овој австралиски изведувач го потпишува најпознатиот ремикс на Prodigy, оној за „Voodoo People“ од 2005-та година!

И тоа не е сѐ! Јубилејната 20-ка на Таксират не смее да помине без едни од најверните другари на Фестивалот собрани во дефинитивно најпопуларниот балкански бенд, кој е комплетно менаџиран од Password Production: Дубиоза Колектив! 

Покрај Pendulum и Дубиоза Колектив, во листата изведувачи за главната вечер на Таксират 20 веќе се запишаа и Mando Diao, Nouvelle Vague, Therapy?, Smut, Rahzel и Trap Da Fuck Up!

Програмата наскоро носи уште изненадувања. Билетите со првата, најповолна цена од само 500 денари, посетителите може да ги најдат на благајните на МкТикетс.